
ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Д-р Јованоска: „Марија – провери се“, за сите прерано починати пацинетки од рак на дојка
Измина повеќе од една година откако на 31-годишна возраст нè напушти младата докторка Марија Бунда Калпак, која три години се бореше со канцер на дојка. Нејзината приказна можеби не беше успешна, но таа остави силна порака зад себе.
Препорачано
Уште на самиот почеток ја сподели својата приказна за карцином на дојка кој го откри на 28 години, за да ја зголеми свеста за оваа болест и да придонесе кон раното откривање. Во нејзина чест и за да се продолжи мисијата што самата ја започна, но и да се продолжи од таму каде што таа застана, оформено е здружение со име „Марија – провери се“.
Основач на здружението е нејзината сестра Ивона Јованоска-Бунда, којашто за „Слободен печат“ ќе ни проговори околу борбата за ракот на дојка, меѓутоа и околу донаторската акција што ја имаат за да може да се поткрене свеста за борба против ракот на дојка во „розевиот“ месец.
– Месец октомври го одбравме како месец да ја започнеме оваа наша иницијатива. Пред сè Здружението го формиравме во чест на мојата сестра. Симболично целата акција што сега ја организираме ќе заврши на 3 ноември, кога е роденденот на Марија. Инаку, целата иницијатива потекна од тоа дека Марија уште кога ја доби дијагнозата несебично ја сподели својата приказна со останатите. Сè со цел да ја подигне свестноста кај другите жени за оваа болест и да поттикне што повеќе жените да се грижат за своето здравје и да одат на чести прегледи – вели Јовановска.
Таа објаснува дека донаторската акција е во склоп на една цела иницијатива, која лавно се одвива на профили на Инстаграм и Фејсбук, каде што ќе бидат споделувани едукативни содржини за ракот на дојка. Ова е воедно и повик жените да одат на редовни прегледи. Активирани се броеви А1 и Телеком каде граѓаните може да донират.

– Има две цели за кои ќе бидат искористени собраните средства. Еден дел ќе се искористи за набавка на ваучери во соработка со „Медикус хелп“, за перики, градници, протези, сè она што на пациентките им е потребно кога ќе се соочат со дијагнозата на рак на дојка. Во соработка со онколозите таму, тие ќе бидат доделувани на пациентки, пред сè, од ранлива категорија, финансиски загрозени, кои не можат да си дозволат – вели Јованоска.
За другиот дел од собраните средства вели дека ќе бидат наменети за обезбедување на бесплатни прегледи на дојка, поточно, ехо на дојки и мамографии.
Имаат преговори со неколку приватни клиники, каде што ќе се прават овие прегледи. Тие ќе бидат, на крајот на акцијата, објавени на платформите онлајн на Здружението, односно на иницијативата.
– Жените кои немаат можност да си обезбедат сами да дојдат на преглед, можат да се пријават, да се повикаат на иницијативата и ќе можат да направат преглед. Ова е донаторска акција, којашто не е намената само за грѓијаните, може да донираат и фирми – вели докторката.
Само во 2023 имало околу 1.000 нови пациентки на Клиниката за онкологија кај нас. Една третина од новодијагностицираните починуваат.
Јованоска им препорачува на сите жени до 40 година да направат ехо како основен преглед за жени. Над 40 години треба да се направи и мамографија која се повторува на секои две години.
– За помладите, но и за сите останати многу е битен самопрегледот на дојки. Тоа значи секоја жена добро да ги познава своите гради за да знае доколку настане каква било промена навремено да се јави кај специјалист – вели Јованоска.