
ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Д-р Црцарева: Без тироидна жлезда годишно во земјава се раѓаат од 11 до 14 бебиња
Болестите на тироидната жлезда се едни од најзастапените на глобално ниво. Проблемите се позастапени кај жените за разлика од мажите. Процентот е 9 заболени жени во однос на еден маж. Најчесто, болестите на тироидната жлезда се поврзуваат со недостиг на јод во почвата, но и во водата. Кај нас, тоа се надоместува преку јодирање на солта. Најчести проблеми што се појавуваат се јазолчиња на самата жлезда, прекумерно лачење на хормоните или забавување на работата на тироидната жлезда и лачење на помалку хормони. Утрово за тироидната жлезда и за новите иновативни методи на лекување, зборуваме со доктор Билјана Црцарева, специјалист по нуклеарна медицина и тироидна жлезда, од приватната болница „Аџибадем-Систина“.
Препорачано
Докторката вели дека според Светската здравствена организација секој десетти човек на планетава боледува од некакво тироидно заболување. Глобално, ако се земе како бројка, тоа се повеќе од 750 милиони различно распределени во зависност од тоа за кое заболување станува збор. Македонија, за жал, не заостанува зад ова бројка. Во Македонија секој шести човек има проблем со тироидна жлезда.
– Кај нас јодирањето на солта е законски регулирано. Последните 31 година речиси јодот и да е исклучен како проблем за настанување на нови заболувања. Но бројката расте. Главната причина ја гледаме во генетиката и стресот, брзото темпо на живот. Постои една епидемија на заболувања кај тироидната жлезда, којашто за среќа успешно ја дијагностицираме и ја лекуваме-вели Црцарева.
Таа вели дека двете големи групи на заболувања коишто настануваат се хипертироидоза и хипотироидоза. Во едниот случај има зголемено лачење на хормони, во второто намалено. Функционалните проблеми се познати како Хашимотов тироидит, автоимуно заболување, кое може да оди во две насоки, и во хипер, и во хипо фаза. Трета група се морфолошките заболувања, појавата на јазолчиња на тироидна жлезда, или во народот позната како струма или гуша.
– Кај хипертироидоза има забрзан метаболизам, односно изразеното слабеење, чести столици, тремор на раце, изразено препотување. Кај хипотирозите имаме поправање, односно зголемена телесна тежина, нередовната столица, опстипација. Се јавува бавна функција на срцето, намален ритам. И во двете состојби има опаѓање на косата, кршливост на ноктите. Што се однесува до јазлите, единствен симптом се пречки во грлото при голтање и јадење, односно дишење. Штом ќе се појават барем три од некои од наведените симптоми, матичните лекари, треба да ги упатат пациентите на ехографски преглед – вели Црцарева.
Жените се повеќе подложни на проблеми со тироидна жлезда. Хормоните и емотивната страна се главни причини за заболувањата.

-За жал, и во светот, и во Македонија, се следи трендот на заболувања на тироидна жлезда кој се јавува уште со самото раѓање на бебињата. Од пред триесетина години, во секое родилиште се проверуваат тироидните хормони на секое живородено бебе без разлика дали е тоа приватна или државна болница. Секое бебе мора да биде проверено дали е родено со тироидна жлезда. Бидејќи ако го оставиме бебето недоиследено, веќе му ја пресудуваме судбината, односно се развива една форма на кретенизам, односно неможност нормално да живее тоа бебе – вели Црцарева.
Таа објаснува дека доколку во првите 24 часа се дојде до такво сознание веднаш се соочува со супституција со тироидни хормони и бебето расте сосема нормално како и останатите бебиња кои се родени со тироидна жлезда.
-Може да се роди комплетно без тироидна жлезда, атиротично бебе, може да се роди со една половина, а да нема доволно хормони, или може нормално да се роди да е тука тироидната жлезда, меѓутоа да не е функционална. За жал годишно се раѓаат меѓу 11 и 14 бебиња во Македонија со ваков проблем – вели Црцарева.

Таа вели дека најмладиот пациент е штотуку родено бебе без тироидна жлезда. Ако веднаш се прими хормон, тие деца нормално растат и се развиваат. За јазлите кои се појавуваат на вратот вели дека успешно се третираат со нова иновативна метода.