Бети Ѓуркова Ангеловска/Фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Д-р Ангеловска: Осум од 1.000 живородени деца имаат срцеви мани

Што е шум на срце? Колку се чести срцевите мани кај децата? Колку од нив на време се откриваат? Утрово на оваа тема зборуваме со доктор Бети Ѓуркова-Ангеловска, специјалист-педијатар од приватната болница Аџибадем-Систина. Докторката вели дека осум од 1.000 живородени деца се раѓаат со срцева мана. Таа објаснува дека срцев шум е звучен феномен којшто го слуша педијатарот со слушалки, а се должи на струење на крвта низ валвулите.

– Ние, педијатрите, можеме со слушалки да направиме разлика дали станува збор за функционален шум, значи невин или аноргански шум или шум којшто се должи на вродена срцева мана. Вродените срцеви мани се најчести вродени мани кај новороденчињата. Ако 2-4% од сите новородени имаат некакви вродени мани, тогаш најголемиот број од нив се должат на вродени срцеви мани. Оваа зачестеност, варира во зависност од региони и има различни вродени срцеви мани. Вродените срцеви мани можат да бидат тешки, средно тешки или лесни. Едно од четири откриени срцеви мани кај новороденче е со тешка или критична вродена срцева мана – вели доктор Ангеловска.

Таа објаснува дека критични срцеви мани, се оние за коишто треба да се направи хируршка интервенција во првите 28 дена од животот. Затоа е неопходен скрининг.

– Болеста се открива пред да се пројават одредени симптоми. Тоа е еден преглед на сите новороденчиња за да видиме, утврдиме и да ги откриеме тие што се критични вродени срцеви мани и тие коишто понатака треба да се следат. Скринингот за вродени срцеви мани започнува уште во пренаталниот период. Кога сè уште е фетус и ова се прави во Аџибадем-Систина – вели докторката и објаснува дека тоа е во пакетот за породување.

Бети Ѓуркова Ангеловска/Фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

На прашањето како се препознава вродена срцева мана докторката вели дека тие новороденчиња послабо напредуваат, забрзано дишат, пообилно се потат. Тие се знаци коишто треба да му укажат на педијатарот, којшто е матичен лекар на новороденото, дека треба да се направи ехокардиографски преглед.

-Значењето на ехокардиографскиот преглед е големо, заради тоа што можеме да ги откриеме и срцевите мани коишто во првите три месеци од животот, условно речено, не претставуваат срцеви мани. Тоа се фетални комуникации. По раѓањето, тие фетални комуникации треба да се затворат. Ако не се затворат, тоа е после третиот месец од раѓањето, тогаш тие стануваат срцеви мани и тие треба понатака да се следат – вели Ангеловска.

Таа објаснува дека доколку станува збор за критична вродена срцева мана таа најчесто се манифестира со цијаноза или модрило во првите часови после раѓањето.

-Во таков случај веднаш новороденчињата се упатуваат на педијатриска кардиохирургија, каде што се спроведуваат соодветни протоколи, со медикаменти, хируршки и интервентни постапки, со цел да се преброди тој период и да се спреми новороденото за понатамошна интервенција, односно да му се овозможи преживување – вели Ангеловска.

Бети Ѓуркова Ангеловска/Фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

За зачестеноста на срцевите мани годишно на светско ниво е  1,5 милиони бебиња од живородените.

– Тој број е релативно стабилен. Тоа значи дека не претрпува големи промени. Меѓутоа, од друга страна, зависи од географското подрачје, зависи од техниките коишто се применуваат за пренатален и постнатален скрининг, а исто така зависи и од факторите на средината, но и од генетските фактори. Факторите на средината имаат големо значење-вели Ангеловска.

Според неа големо влијае има и начинот на исхраната, електромагнетните зрачења, загадувањето, но и генетските предиспозиции.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!