
ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Бришкоска-Бошковски: Секој ден по еден милион луѓе заболуваат од сексуални болести
Колку сексуални болести има во светот? Колку од луѓето се заболени? Каква е состојбата во Македонија? Колку и дали има смртни случаи од заболените, како и колку се лекуваат. Утрово во емисијата „Слободен печат“ на оваа тема разговаравме со доцент-доктор Весна Бришкоска-Бошковски, специјалист по дерматовенерологија од приватната болница Аџибадем Систина.
Препорачано
Официјалните податоци велат дека во моментов во светот боледуваат над 370 милиони луѓе од некаков тип на сексуално преносливи болести.
-Најпрво да ги дефинираме овие типови на заболувања. Сексуално преносливи инфекции, самото име кажува дека тоа се инфекции коишто се пренесуваат преку сексуален контакт од заразено лице. Кога мислиме сексуален контакт, тоа не е исклучиво само вагинален однос, се мисли и на орален, меѓутоа и на анален сексуален однос – вели Бришкоска-Бошковски.
Таа објаснува дека некои од овие типови на инфекции, покрај сексуалниот контакт, можат да се пренесат и преку директен контакт кожа со кожа. Бројката е алармантна, вели таа, а статистиките кажуваат дека секој ден во светот заболуваат нови еден милион случаи на сексуално преносливи инфекции. Таа бројка на годишно ниво е над 370 милиони на најчести типови сексуално преносливи инфекции.

– Има и статистика којашто вели дека секоја жена, барем еднаш во животот, ќе има некаква инфекција со хуман папиломавирус, а има и над 500 милиони луѓе во светот коишто боледуваат од хроничен генитален херпес. Најчестата возрасна група кај која се појавуваат овие заболувања, дури во 80% случаите се пациенти од млада популација од 15 до 24 години. Практично, за инфекциите би кажале дека тоа е една голема група на микроорганизми коишто ги предизвикуваат овие заболувања – вели Бришкоска-Бошковски.
Докторка објаснува дека има над 30 вакви предизвикувачи од коишто најчести се 8 во пракса.
– Осум се најчести, а за четири велиме дека се излечливи, односно постои соодветна терапија, можеме комплетно да ги излечиме, бидејќи се предизвикани од бактерии, односно паразити. Во женската популација, тоа се хламидијата, сифилисот, гонорејата и трихомонасот. Останатите четири се предизвикани од вирусни предизвикувачи. Најчести вирусни предизвикувачи на такви типови инфекции се хуманиот папилома вирус, гениталниот херпес или херпесимплекс вирусната инфекција, хепатит Б и ХИВ – вели Бошковски.

Таа објаснува дека за вирусните инфекции не постои соодветна терапија, дел од нив ги имаме доживотно, дел се самолимитирачки или самоизлечливи. Во секој случај, постои соодветен тераписки протокол, којшто обезбедува да се одржува болеста во една нормала и да се обезбеди еден добар квалитет на живот.
– За сите овие заболувања важи правилото дека заболувањата почнуваат многу дискретно и кај најголем дел од нив симптомите не постојат, односно заболувањата се асимптоматски и обично пациентите не знаат дека ги имаат овие инфекции, а притоа се цело време заразни, се носители на заболувањето и можат непречено да ја шират инфекцијата. Покрај тоа, доминираат и оние асимптоматски случаи и оние со неспецифични симптоми, односно симптоми коишто обично не се припишуваат на сексуално пренослива инфекција. Хламидијата е една од поопасните – вели Бошковски.
Таа објаснува дека тоа не е само кај женската популација, може да предизвика оштетување на тестисите кај мажите, односно да предизвика проблем во производството на сперматозоидите, со нивниот квалитет, па индиректно и кај машката популација да биде причина за стерилитет.
– За заштита превенцијата е клучна. Ја препорачуваме особено на младата популација, каде што овие инфекции се најчести. Таа едукација вклучува запознавање што е безбеден сексуален однос, што вклучува тој, и да се избегнуваат оние ризични сексуални однесувања – вели Бошковски.