Сања Петровска Бојкоска - Професионален организатор / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Бојкоска: Жените најчесто бараат услуги за организација и уредување на домот

Сведоци сме на брзината на нашето секојдневие, и соочени со бројни обврски кои чекаат на нас. Честопати поради многуте обврски и брзото темпо на живот страда уредноста на домот и преовладува нередот. Решението за неуредноста и неорганизираноста го има Сања Петровска Бојкоска, сертифициран професионален организатор во „КАНСО уредување“.

 

Бојкоска е единствена во Македонија која работи на полето на уредување и организација на просторите во домот. Како што вели, нејзина цел е да воспостави систем на планирање по кој нејзините клиенти ќе можат да се водат и понатаму во животот. Таа ни раскажа како дошла до оваа идеја:

– Уредување и организација беше моја пасија уште од мали нозе. Ова го правам дома, кај пријателите, кај фамилијата… Кога бев на породилно боледување со второто дете, едноставно реков, зошто да не пробам? Добив доста прашања од страна кога почнав да споделувам совети за организација и си реков, ако не сега, кога? Неделава беше и вториот роденден на „КАНСО Уредување“, откога почнав да ја работам идејата, односно да ја развивам во пракса. Оттогаш  постои две години во Македонија и е единствено во таа насока – изјави Петровска Бојкоска.

Пробивањето на македонскиот пазар било голем предизвик, со оглед на тоа дека Балканците како народи сакаат сѐ дома да средат и да организираат сами.

Ја прашавме Бојкоска што сè спаѓа под услугата „организација и уредување“?

-Целиот процес, кога им го презентирам на клиентите, го презентирам како проект во кој ја работиме проблематиката што ја имаат. Разработуваме што точно не им одговара, што точно сакаат да подобрат, со какви проблеми се соочуваат и секако, каков начин на живот водат. Потоа создавам начин, принцип на работа, по којшто ќе се води проектот, времетраење, формирам цена на услугите и доколку им одговара, почнуваме со работа и добиваат простор што е организиран и целосно прилагоден на нивните потреби – сподели таа.

Според статистиките кои ги сподели сопственичката на „КАНСО Уредување“, досегашните клиeнти на нејзините услуги се жени.

-Досега, маж клиент не сум имала. Генерално, мислам дека поради тоа што мажите и немаат толку многу работи. Не се како нас, жените, до тој степен. Полесно е да си го одржуваат организиран нивниот простор – додаде Петровска Бојкоска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот