Биљана Ивановска - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Биљана Ивановска - Фото Слободен печат - Методи Здравев

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Билјана Ивановска: Урбаната мафија во мене нема да има сојузник

Урбаната мафија во мене нема да најде сојузник, со мојот интегритет јас се спротивставувам на урбаната мафија, бидејќи таа си бара урбан мафијашки мозок. Значи, кога тие две работи, мафијашкиот мозок и урбаната мафија ќе се најдат на иста фреквенција, тоа може да функционира. Со мене не може да функционира, така што тоа отпаѓа. Ние сме тука да работиме за јавниот интерес, да го племениме јавниот простор. Сè што е во интерес на граѓаните тоа да го сработиме, а не она што е во интерес на поединци – вели Билјана Ивановска, кандидатка за градоначалничка на Општина Центар, поддржана од платформата „Независни заедно“.

Во интервјуто за „Слободен печат“ таа вели дека се надева на изборна победа, доколку државата обезбеди услови за тоа, иако не е сигурна дека изборниот процес ќе го сочува интегритетот на локалните избори, токму поради третманот што го добија независните кандидати во изминатиот период.

– Верувам во победа доколку државата обезбеди фер и демократски избори, зошто да не? Народот бара промена од сето ова. Значи на луѓето им е здосадено да бидат во улога на жртва и да кукаат. Сите сакаат промени. Во анкетите што ги спроведувавме во Антикорупциска за тоа кој е најголемиот проблем на граѓаните, борбата со корупција беше на првото место. Луѓето повеќе не се жалат на сиромаштија, плати, невработеност, туку велат корупција им е најголем проблем – вели Ивановска.

По завршувањето на мандатот во Државната комисија за спречување на корупцијата, Ивановска во јавноста често ја гледавме во улога на аналитичар и коментатор на актуелните збиднувања на домашната политичка сцена. Сепак, таа реши да ја напушти конфорната зона и да се кандидира на претстојните избори.

– Дали вие можете да останете во комфорна зона, додека гледате како сè пропаѓа, како се девастира? Не можам да бидам мирна, кога секој во местото во кое живеам ми предизвикува фрустрација. Тоа не е само мое лично искуство, туку и на моите сограѓани. И затоа не можам да се најдам во комфорна зона. Едноставно мојата одговорност тоа не ми го дозволува. Сакам општина што ќе понуди квалитетен и достоинствен живот за граѓаните, општина што ќе биде отворена кон граѓаните, кон нивните идеи и нивните потреби – додава Ивановска.

Таа не сака да шпекулира, но вели дека не е сигурна дека не се работи за политички притисок тоа што беше повикана на распит во Обвинителството, само неколку часа по објавувањето на својата кандидатура.

– Немам одговор на прашањето зошто тој против кого сме поднеле претставка до Обвинителството, чекал три години за да се пожали на третманот. И зошто истиот тој не поднел тужба до ДКСК, туку ја поднел против мене лично. Симптоматично е и тоа што поканата за распит Обвинителството ја испратило преку полиција, што се прави само во ситуации кога бараната личност не е достапна – вели таа.

Осврнувајќи се на својот мандат во ДКСК, Ивановска апелираше на слабостите во нашиот правосуден систем, прецизирајќи дека главниот проблем може да се лоцира во Обвинителството.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот