Христијан Проданов/фото: Приватна архива

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Бетмен од Скопски маратон: Мајка ми ми ги прави сите костими со суперхерои

Од 13.400 учесници на 20. Скопски маратон, најголемо внимание привлече Бетмен. Христијан Проданов од Скопје е човекот кој се криеше зад маската на овој суперхерој, главната атракција на маратонот. Проданов трчаше 21 километар и задоволен е од тоа како поминал, не му била целта да брка рекорд туку да биде активен и да се забавува.

– Многу беше убаво, одлично поминавме, Бетмен беше интересен за публиката, не само за децата туку и за возрасните. Јас сум задоволен од тоа колку истрчав и покрај тоа што можеби за некого е слабо, но не ми беше целта рекорд – вели Проданов за „Слободен печат“.

Ова е негова петта маска по ред, сме го виделе „во улога“ на Спајдермен, Аквамен, Супермен, Капетан Америка.

– Мислам дека најдобро ми прилега Аквамен. Многу луѓе ми велат дека личам на актерот Џејсон Момоа и да, дефинитивно тоа ми е омилената маска – рече тој.

Фото: Слободен печат / Драган Митрески

 

Маските кои ги носи Проданов не се купен производ, туку се оригинални изработки со долги часови работа на неговата мајка.

– Сите костими кои сум ги носел се дело на мојата вредна мајка. Таа ги изработува со многу труд за да ги направи перфектно, за што сакам и јавно да ѝ се заблагодарам. Навистина се оригинални и посебни. Морам да споделам дека мајка ми од дете ми правеше најубави маски за приредбите и за маскенбали на училиште и секогаш ја земов првата награда. Лани бев на белгардскиот маратон во костимот на Супермен и таму бев единстевн со маска – објаснува Проданов.

Некои од родителите ги мешаат суперхероите, ама децата не.

– На пример вчера на маратонот една мајка за да погоди кој сум ги нареди сите суперхерои додека да каже Бетмен, забавно беше – раскажува тој.

Христијан инспирирал неколку луѓе да се појават со маски, но сепак никој не ја достигнал неговата уникатност.

– Не ми пречи ако се појават и други маратонци коишто ќе бидат маскирани, напротив, баш би било интерсно да имам „конкуренција“ – рече тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот