Весна Атанасовска - Одд. Сестра на децки болести - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Весна Атанасовска - Одд. Сестра на децки болести - Фото Слободен печат - Методи Здравев

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Атанасовска: Бебе родено со 600 грама порасна во прекрасна 15-годишна тинејџерка

Кои се тивките херои коишто се грижат за нашите најмили? Што се случува по породувањето доколку бебето е предвреме родено и не е добро? Кој се грижи за децата постоперативно? Утрово на оваа тема, по повод вчерашниот Ден на медицински сестри, 12 мај, разговараме со Весна Атанасовска, одделенска сестра на Одделот за детски болести во приватната болница Аџибадем Систина.

Атанасовска има децениско искуство со неонатална нега и постоперативна грижа за најмалите. На прашањето зошто ја одбрала медицината како нејзина професија, вели дека не ја одбрала таа, туку нејзините родители, но сега, од денешен аспект многу им е благодарна.

– Не беше моја желба да се запишам во Средно медицинско училише, сепак, беше на родителите. Не се пронајдов во тој дел, меѓутоа како што поминуваше времето, си го засакав училишето, професијата и сакав да станам медицинска сестра и тоа на педијатрија. И ми се исполни желбата, се вработив на Детска клиника, на неонатална и педијатриска интензивна, таму научив да работам и да, ги засакав и најмалите бебиња – вели таа.

За професијата вели дека е многу благородна, а условите за работа се разликуваат многу. Постојаниот недостиг на медицински сестри според неа е поради тоа што имаме голем одлив на сестри коишто одат во други држави поради лошите услови овде и поради ниските плати.

Весна Атанасовска - Одд. Сестра на децки болести - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Весна Атанасовска – Одд. сестра на детски болести – Фото Слободен печат – Методи Здравев

-Една од причините поради која се префрлив од државното здравство во приватно, беа и условите, и секако платата, којашто е многу битна за да може да функционираме. Има многу одлив на медицинските сестри. Во државното здравство немавме потребен материјал за да може да им обезбедиме соодветна грижа и нега на пациентите – вели Атанасовска.

Вели дека во текот на нејзината кариера има многу успешни приказни. На предвреме родените деца коишто се раѓаат со помала родилна тежина, им треба простор за да се доразвијат, за да пораснат, за да можат самостојно да дишат, самостојно да се хранат.

-Имаме многу приказни. Ќе издвојам една од почеток на отворањето на болницата. Новороденчето беше предвреме родено девојче, кое 3-4 месеци остана на одделот на неонатална интензивна, поврзана на респиратор. Не можеше самостојно да диши, секоја наша проба да ја тргнеме од апаратот беше неуспешна, за многу кратко време ја враќавме. Откривме дека тоа детенце имаше проблем со затворање на капачето на желудникот и требаше да прима посебен лек. Ние го немавме, но го набавивме. Името на лекот беше слично како шампањското „Дом перињон“, па откако излезе од болница сите ние пиевме „Дом перињон“, цела екипа која се грижевме за неа. Сега е голема девојка – вели сестрата.

Таа објаснува дека постојано се гледа со бебињата кои биле на нивниот оддел, а се гледаат и секој 17 ноември, кога го прославуваат Денот на предвреме родените бебиња.

Најмалото бебе, кое го негувала било 640 грама, родено во 26-27 гестациска недела.

Весна Атанасовска - Одд. Сестра на децки болести - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Весна Атанасовска – Одд. сестра на детски болести – Фото Слободен печат – Методи Здравев

– Беше многу мало, му требаше многу време, многу грижа, многу нега од страна на сестрите, секако поддршка на родителите. Но малиот борец со наша помош се избори и завршивме позитивно и среќно – вели Атанасовска.

Таа објаснува дека тие често се и психолози, бидејќи се случува мајката да си замине дома без детето кое останува на неонатална нега.

-Кога си оди мајката дома без своето новороденче е многу непријатно. Прво, сите знаеме дека самото раѓање, породувањето, кај мајката прави промени во нејзиниот хормонален статус, во нејзината психолошка состојба. Сестрите не се само медицински сестри, туку во моментот се и психолози. Даваме комплетна поддршка, едукација, што треба да прават во домашни услови, доаѓаат кај нивните бебенца, ги посетуваат, дозволена им е посетата – вели Атанасовска.

На младите им препорачува да го следат својот сон и да ја бираат професијата со срце.

– Медицината е многу хумана професија, но бара жртви. И медицинските сестри не се само жени. Има многу успешни приказни на медицински техничари кои се нашле во оваа професија. Кога бев основно училиште, професорот кој ми предаваше географија ни велеше што и да се запишете и што и да завршите, гледајте во професијата да бидете најдобри – вели Атанасовска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот