
ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Антонио Димитров: Ќе ги реконструираме културните објекти изградени во социјализмот
Карпош е општина што има сериозен потенцијал посебно од аспект на културата, спортот и младите, меѓутоа потенцијалот воопшто не е искористен. Нашата програма претежно е заснована повеќе на реконструкција и репарирање на постојната инфраструктура на културните објекти, отколку на нови градби. Мислам дека е доволно изградено, во изминатите мандати се отиде многу јако со градење згради, претежно на државно земјиште. Меѓутоа, нашата идеја изразена во програмата е да одиме повеќе кон некаква реконструкција на тоа што е изградено уште во социјализмот. Порано во секоја општина имало културен центар. Кино имало во Влае и во Ѓорче Петров, Гази Баба, Кисела Вода, Карпош. Сето тоа е или приватизирано или руинирано, зошто да не го вратиме тој концепт на културни центри во секоја општина, како што било замислено некогаш. Скопје е европски град на културата за две години отсега. Тоа е во технички термини утре. Затоа што министерот за култура, пред извесно време, кога отвораше некој културен центар во аеродром, вети 10, 11, 12, и самиот не знае колку кажа, нови културни центри ќе се изградат. Тоа е технички невозможно. Колку трае една јавна набавка, па додека тоа се изгради, па технички прием, па додека го опремите, па додека направите програма, вработени, тоа за две години е невозможно – вели Антонио Димитров, кандидатот на Левица за градоначалник на Општина Карпош.
Препорачано
Во интервјуто за „Слободен печат“, тој тврди дека по одредени улици во Карпош жителите не можат пеш да одат, а не со автомобил, потенцирајќи дека местата за паркинг речиси и да ги нема во поголемиот дел од населените места на општината.
– Се работи за сериозен проблем што е директна последица на прекумерното градење во Карпош. Решението го гледаме во тоа повеќе да не се гради, доволно е изградено, во комбинација со некаков еднонасочен режим на сообраќајот, монтажни паркинзи. Има и постојни капацитети што не се користат како подземни гаражи во Карпош 1 и 2 бидејќи се запуштени и се претворени во депонии – додава Димитров.
Тој вели дека ќе стави крај на градежната мафија во општината, иако најголемиот дел од финансиите на општината се обезбедува од наплатата на комуналиите при издавањето дозволи за градба.
– Имате грантови, имате кредити, даноци, па буџетот на општината не е така мал. Мора да се престане со градењето згради, мора да се стави крај на урбанизацијата. Ние планираме и да направиме ревизија на сè што е изградено досега и да се провери дали сè било законски, а ќе се посветиме на отворање нови паркови и одржувањето на постојните. Општината била градена плански на времето, но во последниот период беа изградени огромен број станбени и деловни објекти и направен е вистински хаос – вели тој.
Што се однесува до проблемот со загадувањето, Димитров е свесен дека градоначалник на една општина малку има што да направи по ова прашање бидејќи проблемот е глобален, но смета дека доколку сите објекти бидат префрлени на системот на топлификација, тогаш ситуацијата ќе се подобри, бидејќи во недостиг на средства, дел од граѓаните се греат со материјали што не се соодветни за тоа.
– Може да ја исчистиме општината, а градоначалникот е должен да ги пронајде дивите депонии и да ги исчисти. Во Карпош такви има во Злокуќани и кај „Борис Трајковски“. Градоначалникот треба да го стимулира и возењето велосипед, како и да настојува што помалку да се возат автомобили – додава Димитров.