
ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Ајановски: Нема идеална возраст кога треба да почнеш со трчање
Од каде желбата и од кога се занимава со трчање, по кој пат ќе настапи на „Скопскиот маратон“, за што пишува во своите две книги и која му е омилена трка, го прашавме неколкукратниот државен шампион во трчање, атлетичарот Кокан Ајановски во утринската емисија „Слободен печат“.
Препорачано
„Со трчање започнав во 2008 година. Случајно на радио слушнав реклама за Скопски маратон. Тогаш не знаев што е маратон. Си реков да се испробам на полумаратон. Целта ми беше само да го завршам, без да одам. Тоа беше љубов на прв поглед. Сосема случајно истрчав еден полумаратон, и продолжив да учествувам на сите трки кои следea. Бидејќи доцна почнав со трчање, на свои 26 години, мислев дека ќе немам право да учествувам, меѓутоа видов дека на уличните трки може да учествува секој, независно од возраста. Тоа ме охрабри, и си реков да си го остварам својот детски сон. Отсекогаш сум сакал да бидам професионален спортист. Продолжив да трчам и после две години за прв пат станав шампион на Македонија. Имам повеќе од 20 титули државен првак во различни атлетски дисциплини и повеќе од 30 настапи за атлетската репрезентација на Македонија“, ни раскажа Ајановски за своите почетоци.
Дванесеттото издание на Скопскиот маратон кој ќе се одржи во недела, за Ајановски ќе биде 16 учество на Скопскиот маратон.
„Ова ќе биде мое 16 учество на Скопскиот маратон. Практично само еднаш немам учествувано, во 2012, од кога започнав да трчам. На Скопскиот маратон имам 8 учества на полумаратон и 6 учества на маратон. Во 2015 година бидејќи се одложи маратонот, истрчавме ревијално. Иако лани трчав полумаратон, годинава ќе трчам маратон, а воедно тоа ќе биде и државно првенство што е предизвик плус. Се надевам дека овојпат, со најголемо искуство досега најмногу ќе уживам во оваа најтешка атлетска дисциплина“, вели Ајановски.
Ајановски има поминато илјадници километри на трките низ светот, а за него најомилен маратон на кој настапил е во кипарскиот град Лимасол.
„Омилена трка, и мој најдобар интернационален успех е бронзениот медал од 2018 година од Кипар од Лимасол на Балканското првенство во маратон. Таа трка ќе ја паметам цел живот. Нешто за коешто искрено кога почнав да трчам ни во најлудите соништа не сум се надевал дека ќе можам да го остварам. Горд сум на тој успех, таа трка ми лежи во срце, прекрасен град, одлично место, се трча покрај море. Исто така можам да ги издвојам и светското првенство во полумаратон во Копенхаген каде што го остварив личниот рекорд во полумаратонската делница.“
Ајановски важи за голем мотиватор, а своите инспиративни приказни ги има преточено во две книги насловени како „Трчањето ме учи“ и „Трчам за тебе“.
„Трчањето ме учи“ е книга издадена во 2020 година. Тоа е моја прва книга, која спонтано ја напишав, инспириран од сите убави моменти кои ги носи трчањето, восхитен од своите настапи. Задоволен од вибрациите кои ги добивав од читателите по првата книга, бев мотивиран да ја напишам и втората книга „Трчам за тебе“, која ја издадов во април годинава. „Трчам за тебе“ е своевидно продолжение на првата книга. Стилот е сличен, темите се тие: инспирација, мотивација, филозофија и се поврзано со трчањето – вели Ајановски.
Го прашавме Ајановски дали настапот на маратонецот Дарио Ивановски на Олимпијадата во Париз е мотив плус што повеќе луѓе да се занимаваат со трчање.
„Одличен успех оствари Дарио Ивановски. Дефинитивно е мотив за сите останати да ја следат неговата приказна, да видат како може буквално секој што навистина сака, има цврста волја, што е спремен да се откаже од многу работи за да го оствари својот сон и да биде присутен на олимпијадата и на тој начин директно и индиректно да мотивира многу други луѓе. Како што јас претходно сум мотивирал, што сум инспирирал, Дарио тоа го направи на многу повисоко ниво, многу подобро, ја претстави Македонија на многу значајни натпревари и е вистинска инспирација како за младите, така и за повозрасните – вели Ајановски.