
ВИДЕО+ФОТО | Пцовисани животни, руина, хорор сцени во поранешната административна зграда на Југохром сега во сопственост на Владата
Некогашниот симбол, но и гордост на Општина Јегуновце со специфична раскошна архитектура, каде порано со децении беа сместени административните работници на фабриката Југохром, но и спортски клубови на општината, оставена на забот на времето, секоја просторија претворена во руина.
Препорачано




Искршени врати и прозорци, пцовисани животни низ ходниците, распаднат покрив, уништен инвертар се само дел од хорор сцените во овој објект.







„Слободен печат“ влезе во овој небезбеден објект каде израснатата мов на подот, како и друга вегетација, но и неколкуте самоникнати дрвја на покривот, доволно говорат за овој објект од кој државата кренала раце.
Низ просториите забележавме еден куп документи за спортските клубови, фабриката, видео материјали, кои како што велат мештаните се практично историја на општината, но за неа никој не се грижи.




„Не само што со жал и тага го гледаме овој објект како е пропаднат и се уште пропаѓа, туку тој е и небезбеден секој момент може од него да се урне нешто. Треба што поскоро нешто да се преземе“, вели еден жител на Јегуновце.
„На овој објект му завидувала цела Македонија па и Југославија, ретко ваков објект да се забележи. Тука првично требаше да се смести општината и полицијата, па дури и комуналните претпријатија, овие податоци покажуваат колку е овој објект голем и раскошен, но ете наместо да се пренамени во нешто тој пропаѓа“, додаде друг жител на општината.
Од раководството на Југохром, велат дека сопственикот на нивната компанија го откупил земјиштето каде е лоцирана фабриката и погоните, но не и административната зграда, таа како што не информираа сега е во сопственост на централната власт.
Инаку огромните печки на Југохром каде некогаш се произведуваше феросилициум за странскиот пазар, се уште зјаат празни, без работници и вообичаената бучава.
Но, од раководството на фабриката со оптимистички најави. Велат дека две од печките за производство на феросилициум ќе стартуваат најверојатно догодина.
Оттаму велат дека 90% од челичната конструкција на филтер станицата која треба да воспостави еколошки процес на производство е веќе завршена, а од крајот на годината се очекува да се постават и другите елементи на системот за отпрашување.
„Ние бевме исклучени од производство оти немавме еко-филтри. Овие години работевме постојано за поставување на еко филтри за двете печки. Ние сме затворени околу 8 години. Нашиот платен фонд кога работевме ни беше околу 500 000 евра. Работниците кои работеа тука тие пари ги трошеа за локалната економија и нормално тоа влијаше на населените места. Исто така имаме план за изградба на фотоволтации. Ние планираме 30 мегавати производство на наша струја. Ние плаќаме за изградба на филтер постројка, не би плаќале ако не планираме да ја отвориме фабриката. Ни останува мала реконструкција на печките и потоа планираме да се вратат околу 350 работници оти таа филтер станица е наменета за две печки, потоа ќе продолжиме со натамошните чекори за зголемување на капацитите“, рече Славко Стојчески генерален директор на Југохром.
Печките во Југохром загаснаа во ноември 2016 година, откако Инспекторатот за животна средина донесе одлука за забрана за работа, поради непочитување на еколошките стандарди.
ФОТО: Југохром по 8 години пауза со план догодина да се рестартира