
ВИДЕО+ФОТО | Китански: Изгоре огромна површина шума кај Пехчево, што ќе им понудиме сега на туристите?
Максимално се обидуваме сè да држиме под контрола, локалното население е смирено, живеат нормален живот, се оди нормално на работа, не постои опасност за куќите, правиме сè за да спречиме огнот да се прошири надолу, вели градоначалникот на Пехчево за „Слободен печат“ва тој.
Трет ден гори Буковиќ, врвот на планината Влаина во Пехчево. Борбата со огнените јазици започна во неделата. Екипите и доброволците тешко се справуваат со лошата состојба, а дополнително ситуацијата им се отежна откако вчера пламенот го „проголта“ и единственото противпожарно возило на ДПД – Пехчево.
Препорачано
Во секој момент очекуваме да пристигне ветената помош од воздух, хеликоптер и канадер, вели за „Слободен печат“ градоначалникот на Општина Пехчево, Александар Китански.
– На терен е алармантно, пожарот гори на непристапни места. Денеска околу 150 луѓе се на терен во борба со огнените јазици. Имаме огромна помош од Единицата за брзо распоредување, доброволни пожарни друштва, ДПД-ПЕХЧЕВО, ДПД Кочани, ДПД-Виница, ТППЕ Берово, ТППЕ-Кавадарци, заедно со Шумска полиција, вработени во Општина Пехчево, вработени во јавните претпријатија во Општина Пехчево, ЈКП КОМУНАЛЕЦ, претставници од ПШС Равна река-Пехчево, ЈП „Македонски шуми“ од Берово, Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување на кризи, доброволци од месното население, доброволци од соседните градови, механизација на општествено одговорни фирми и компании. Денес со нетрпение ја очекувавме неизбежната помош од воздух. По ова се надеваме дека денес ќе успееме да го локализираме пожарот – вели Китански.
Полициските хеликоптери денеска фрлија над 140 тони вода врз пожарот на Влаина.
Китански додава дека на помош денеска пристигнале и припадници на АРМ и МВР и ер-трактори на ДЗС.

Тој нагласува дека нема потреба од создавање паника и апелира за разумно известување.
– Максимално се обидуваме сè да држиме под контрола, локалното население е смирено, живеат нормален живот, се оди нормално на работа, не постои опасност за куќите, правиме сè за да спречиме огнот да се прошири надолу – нагласува тој.
Изгоре огромна површина шума, што ќе им понудиме сега на туристите?
Загубена е огромна зелена површина која го красеше овој крај, на која, како што вели Китански, „ние бевме горди на нашите шуми“.
– До неделата вечерта имавме податоци дека се изгорени околу 160 хектари шума, заклучно со овој момент ги немаме податоците, но се претпоставува дека во меѓувреме изгубивме можеби исто толку шума за овие два дена. Можам да кажам само дека површината на изгорена шума е драстично зголемена. Ова е огромна болка за нас, знаете дека пред три години исто се боревме со силни пожари, сега повторно нè снајде ова. Ние се гордеевме со нашиот планински предел, тоа беше нашиот адут за да ги привлечеме туристите. Каква понуда ќе имаме сега?! – разочарано одговара Китански.
Китански апелира за координација, да не се оди самостојно и самоиницијативно во акција за гаснење на пожар.

Планинарот Марјан Митриновски од Пехчево е во прв ред во акцијата за гаснење на пожарот.
– Огромни беа пламените, но успеавме да ги скротиме. Голем број луѓе сме активни во справувањето со пожарот, нема странци меѓу нас, сите сме од Македонија. Меѓусебно се координираме, комуницираме преку мобилен телефон, тука има мрежа, а на некои места нашата комуникација се одвива преку радиостаници – вели Митриновски за нашиот медиум.
Пунктот за донирање на храна и вода е во просториите на Домот на културата во Пехчево и е отворен 24часа. Бидејќи неодамна изгоре единственото противпожарно возило на ДПД – Пехчево, градоначалникот вели дека во процес е барањето за набавка на вакво возило.

Пожарот на Галичица е ставен под контрола, вели за „Слободен печат“ градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков.
– Службите на терен утринава нè информираа дека пожарот на планината Галичица е ставен под контрола благодарение на координираната и заедничка акција на сите надлежни. На оваа локација продолжува интензивното делување и гаснење, со цел да се спречи неговото ширење. Стабилна е состојбата со активниот пожар во делот на селото Брежани во Општина Дебрца, овој пожар е под контрола и нема опасност од негово проширување – вели Пецаков.
Тој информира дека пожарот во шумскиот предел помеѓу селата Опеница, Косел, Вапила и Расино веќе е ликвидиран.
– Постојано сме во координација со противпожарните единици и со сите вклучени во гаснењето со цел да се обезбеди подобра организација, ресурси и потребна логистичка поддршка – рече тој.

Очите на јавноста деновиве се насочени и кон немирните огнени јазици кои направија пустош и во Македонски Брод. На нашето прашање каква е ситуацијата со пожарите во овој крај од државата добивме кус извештај.
– На територија на Општина Македонски Брод во периодов пожарите се под контрола, со активни жаришта во атарот на населеното место Белица и викенд-населбата Тажево. Моментално на терен се наоѓаат припадници од специјалните единици и пожарникари од ТППЕ Македонски Брод – велат од Општина Македонски Брод.
Во текот на вчерашниот ден низ државата беснееја вкупно 37 пожари на отворен простор. Од ЦУК известуваат дека во моментов 10 се активни, 6 се под контрола и 21 се изгаснати.
