
ВИДЕО: Во училиштата маските главна заштита од заразниот омикрон
Околу 255 илјади ученици во основите и во средните училишта го почнаа второто полугодие со физичко присуство, носејќи заштитни маски, иако во текот на распустот се водеше жестока дискусија дали носењето маски е штетно и дали не е подобро наставата да се изведува од дома, преку интернет.
Препорачано
Директорката на основното училиште „Невена Георгиева Дуња“ Наталија Дилева вели дека второто полугодие почнало без никакви проблеми.
– Во нашето училиште утринава немаше никакви проблеми. Ниту еден родител не побара неговото дете да следи настава без заштитна маска, иако имаше такви најави. Наставата од дома засега ја следат 46 ученици, кои претходно го побарале тоа од здравствени причини. Исто така, комплетиран е и наставничкиот кадар, односно сите наставници се на своите работни места – рече директорката Дилева за „Слободен печат“.
Дилева вели дека зимскиот распуст бил искористен за темелно чистење, дезинфекција и дератизација на сите училници, ходници, канцеларии и училишната кујна. Во училниците се проветрува по завршување на часовите, односно за време на одморите, а во текот на часот прозорците се отвораат доколку временските услови тоа го дозволуваат. За да нема големо мешање на учениците, наставата за едно одделение се изведува во иста училница, и нема т.н. кабинетска настава.
Министерот за образование Јетон Шаќири изјави дека сите директори на основни и средни училишта потврдиле дека се подготвени за настава со физичко присуство.
– Најважна информација е дека училиштата се подготвени. Најрадосен сум што во училниците видов деца што се радосни за почетокот на второто полугодие и дека се во училиштата. Ќе бидеме во секојдневна комуникација со претставници на сите училишта за нови случаи и секој ден ќе ја имаме предвид реализацијата на наставата. Директорите кажуваат дека нема огромен број позитивни наставници, професори или деца – рече Шаќири.
Тој рече дека не може да претпоставува како ќе се изведува наставата до крајот на школската година и дека тоа ќе зависи од епидемиолошката состојба и од препораките од надлежната Комисија за заразни болести. Во врска со барањата учениците да следат настава без заштитни маски, Шаќири рече дека ќе има средба „со сите што мислат различно“, но дека сите протоколи, вклучително и носењето маски, се препораки од Комисијата и тие треба да се почитуваат.