
ВИДЕО | Во Газа во израелски напад загина екипа на Ал Џезира, Израел тврди дека дописникот бил терорист
Ал Џезира во неделата вечерта објави дека пет члена на нивната новинска екипа, вклучувајќи и еден добро познат дописник, биле убиени кога израелската армија „нападнала“ шатор што го користеле во градот Газа.
Препорачано
„Новинарот на Ал Џезира, Анас ал-Шариф, беше убиен заедно со четворица колеги во целен израелски напад врз шатор“ што го користеле пред болницата Шифа синоќа, објави катарската телевизиска мрежа.
Според истиот извор, вкупно седум лица беа убиени во нападот.
Анас ал-Шариф и Мохамед Курајка, новинари, како и Ибрахим Захер, Мохамед Нуфал и Моамен Алива, сниматели на Ал Џезира, се меѓу жртвите, соопшти телевизијата.
Израелската војска потврди дека го нападнала Анас ал-Шариф, опишувајќи го како млад „терорист“ кој „се претставувал како новинар“. Тие преку Телеграм објавија дека „извеле напад насочен кон терористот Анас ал-Шариф, кој се претставувал како новинар на Ал Џезира“, тврдејќи дека „тој бил водач на терористичка ќелија на терористичката организација Хамас“, одговорна „за подготовка на ракетни напади против израелски цивили и војници“.
28-годишникот беше една од најпознатите личности меѓу дописниците на мрежата на арапски јазик во Појасот Газа, известувајќи за војната што избувна на 7 октомври 2023 година, како одмазда за невидениот напад на военото крило на палестинското исламистичко движење Хамас врз Јужен Израел.
Journalist Anas al-Sharif along with four other Al Jazeera staff have been killed by an Israeli attack which targeted a tent for the press outside al-Shifa Hospital’s main gate. pic.twitter.com/hfwWdDCCji
— Al Jazeera English (@AJEnglish) August 11, 2025
Прошталното писмо: Израел успеа да ме убие, не ја заборавајте Газа
Предвидувајќи ја можноста за негова смрт, Ал-Шариф напишал последна порака, која побарал да биде објавена во случај на негова смрт. Неговото семејство и колегите ја објавија на социјалните мрежи пред неколку часа. Во својот текст, 28-годишникот отворено го обвинува Израел за неговото убиство, се осврнува на својата непоколеблива посветеност на борбата за Палестина и ја доверува иднината на своето семејство и својот народ на меѓународната заедница.
„Ова е мојот завет и мојата последна порака. Ако овие зборови стигнат до вас, знајте дека Израел успеа да ме убие и да ме замолчи“, започнува пораката на Ал-Шариф и продолжува: „Алах знае дека вложив максимален напор и ја посветив целата моја сила да бидам поддршка и глас за мојот народ, откако ги отворив очите кон светот, во уличките на бегалскиот камп Џабалија. Мојата надеж беше дека Алах ќе ми даде доволно живот за да се вратам со моето семејство и најблиските во нашата татковина, во окупираниот Ашкалан (Ал-Маџдал). Сепак, волјата на Алах ме престигна и Неговата одлука е конечна. Доживеав болка во сите нејзини форми, многупати вкусив беда и загуба, но никогаш не се двоумев да ја пренесам вистината каква што е, без искривување или фалсификување – за да може Алах да сведочи против оние кои молчеа, оние кои го прифатија нашиот колеж, оние кои ни го задушија здивот и не беа трогнати од распарчените тела на нашите деца и жени, без да направат ништо за да го запрат колежот што нашиот народ го трпи повеќе од година и пол.
This is my will and my final message. If these words reach you, know that Israel has succeeded in killing me and silencing my voice. First, peace be upon you and Allah’s mercy and blessings.
Allah knows I gave every effort and all my strength to be a support and a voice for my…
— أنس الشريف Anas Al-Sharif (@AnasAlSharif0) August 10, 2025
„Ви ја доверувам Палестина – Бисер во круната на муслиманскиот свет, срцето на секој слободен човек на земјата. Ви го доверувам неговиот народ, неговите оштетени и невини деца кои никогаш немаа време да сонуваат или да живеат во безбедност и мир. Нивните чисти тела беа згмечени под илјадници тони израелски бомби и ракети, искинати на парчиња и расфрлани по ѕидовите.
Ве повикувам да не дозволите синџирите да ве замолчат, ниту границите да ве ограничат. Станете мостови кон ослободувањето на земјата и нејзиниот народ, сè додека сонцето на достоинство и слобода не изгрее над нашата украдена татковина. Ви го доверувам да се грижите за моето семејство. Ви ја доверувам мојата сакана ќерка, Сем, зеницата на моето око, која никогаш не ја видов да расте како што сонував.
Ви го доверувам мојот сакан син, Салах, кого сакав да го поддржувам и да го придружувам во животот, сè додека не биде доволно силен да го носи товарот на мојата мисија и да ја продолжи.
Ти ја доверувам мојата сакана мајка, чии благословени молитви ме доведоа овде. Нејзините молби беа мое засолниште, а нејзината светлина ми го покажа патот. Се молам Алах да ѝ даде сила и да ја награди во мое име со најдобра награда.
Ти ја доверувам и придружничката на мојот живот, мојата сакана сопруга, Ум Салах (Бајан), од која војната ме раздели многу денови и месеци. И покрај сето ова, таа остана верна на нашата врска, цврста како стебло од маслинка што не се витка – секогаш имајќи трпение, верувајќи во Алах и носејќи ја одговорноста во моето отсуство со сета своја сила и вера.
Ве повикувам да застанете покрај нив, да бидете нивна поддршка по Алах Севишниот. Умирам непоколебливо во моите принципи. Сведочам пред Алах дека сум задоволен од Неговата одлука, сигурен во нашата средба и сигурен дека она што е близу до Алах е подобро и повечно.
О Алах, прифати ме меѓу сведоците, прости ми ги минатите и идните гревови и претвори ја мојата крв во светлина што ќе го осветли патот на слободата за мојот народ и семејство. Простете ми за моите грешки и молете се за мене со милост, бидејќи го одржав своето ветување и никогаш не го променив ниту го изневерив.
Не заборавајте ја Газа… И не заборавајте ме во вашите искрени молитви за прошка и прифаќање“,го завршува прошталното писмо дописникот на Ал Џезира Анас Џамал Ал-Шариф, напишано на 6 април годинава.
Ал Џезира на мета
Во мај 2024 година, израелските власти одлучија да го забранат сигналот на мрежата од земјата и ги затворија нејзините канцеларии. Тоа беше кулминација на долготраен спор меѓу катарскиот медиум и владата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој се влоши за време на тековната војна.
Израелската војска постојано ги обвинуваше новинарите на мрежата дека се „терористи“ на Хамас.
А Палестинската самоуправа, која има ограничени овластувања на Западниот Брег, ја забрани Ал Џезира неколку месеци претходно оваа година, обвинувајќи ја за „поттикнување бунт“ и „мешање“ во палестинските работи.
Мрежата ја осуди одлуката, за која рече дека имала за цел да го замолчи известувањето за „влошувањето“ на ситуацијата на палестинската територија под израелска окупација од 1967 година.
Од почетокот на војната во Појасот Газа, меѓународниот печат не доби дозвола од израелската армија слободно да работи во малата палестинска енклава под опсада.
Само неколку внимателно избрани медиуми се дозволени, „интегрирани“ во единиците на израелската армија. Нивните извештаи се предмет на воена цензура.
Смртта на петте вработени во Ал Џезира беше регистрирана неколку часа откако Нетанјаху објави дека ѝ наредил на армијата да дозволи поголем број странски новинари да работат – под нејзина контрола – во Појасот Газа.
„Постои проблем со гарантирањето на безбедноста, но мислам дека тоа може да се направи на одговорен и разумен начин за да се заштити сопствената безбедност“, рече тој, додавајќи дека наредбата е дадена „пред два дена“. Тој не даде дополнителни појаснувања.