
ВИДЕО | Вистинска гордост: Дина Јашари е добитничка на наградата „Милан Младеновиќ“ за најдобра песна
Фондацијата на Милан Младеновиќ во средата, по четврти пат, ја додели наградата „Милан Младеновиќ“ за најдобра песна во регионот. Годинава, ова значајно музичко признание отиде во рацете на младата македонска кантавторка Дина Јашари, за нејзината песна „Дома“.
Препорачано
Покрај статуетката, која ѝ ја предаде Ана Ќурчин, минатогодишната добитничка на наградата „Милан Младеновиќ“, Јашари ќе добие и парична награда од 3000 евра.
„Ви благодарам што поддржувате артисти од регионот. Ова е голема поддршка за мене, за мојата музика и ќе продолжам да го правам ова. Лани бев номинирана со мојата песна „Бои“ и добив многу убави работи од тоа. Годинава добив нешто уште поубаво“, изјави младата пејачка.
Победничката песна „Дома“ беше избрана од регионално стручно жири, во состав од Миле Кекин (Хрватска), Соња Лончар (Србија), Матјаж Манчек (Словенија), Едо Плованиќ (Хрватска) и Драгиша Ускоковиќ Чима (Србија). Тие избраа 12 финалисти, чии песни ќе бидат објавени на промотивна компилација што ќе ја изработи фондацијата на Милан Младеновиќ.
Фондацијата на Милан Младеновиќ е основана во 2019 година, како последна желба на мајката на легендарниот пејач на рок-групата Екатерина Велика.
Доделувањето на наградата „Милан Младеновиќ“ е смислено со цел да се поттикне музичката креативност која се карактеризира со вредностите својствени на уметничкото наследство на Младеновиќ.
Традиционално, наградата се доделува за најдобра авторска песна од поранешна Југославија, на церемонија на 21 септември – денот на раѓањето на Младеновиќ.
Дина Јашари е млада и талентирана кантавторка, која полека, но сигурно остава свој печат на алтернативната музичка сцена кај нас.
Своите први музички чекори ги направила во мандолинскиот оркестар на Младинскиот културен центар во Скопје. За време на средношколските денови во скопската гимназија „Раде Јовчевски – Корчагин“, Јашари почнала да пее како придружен вокал во музичката група „Ај кју“.
Песната „Последна минута“, која ја објави во 2019 година, е нејзин прв солитички проект. Минатата година го издаде својот прв мини-албум „Дома“, кој беше одлично прифатен од македонската слушачка публика.