
ВИДЕО | Вардар се дави во ѓубре, сите се ненадлежни да ја исчистат реката
Последен пат багерите влегоа во Вардар пред шест години. Се чистеше на потегот од мостот „Гоце Делчев“ до полигонот под Кале, а работите ги вршеа екипи на ЈП „Улици и патишт
Коритото на Вардар во централното градско подрачје е претворено во депонија. Ѓубре има насобрано околу трите галии, околу трите жални врби и фонтаните сместени во реката. Грдата слика која секојдневно им „боде“ очи на сите кои се движат на кејот, очигледно не ги засега само оние кои се надлежни, меѓу другото, да се грижат за чистотата и на речните води, барем за она што може механички да се отстрани.
Препорачано
Од Град Скопје повеќепати во изминатите години се пожалија дека отпадот во Вардар доаѓа од населените места по неговиот горен тек, каде континуирано се фрлаат големи количини пластични амбалажи, шут и кабаст отпад, кој потоа пристигнува во Скопје, каде било невозможно да се чисти секојдневно.
Ниту градот ниту пак на државно ниво години наназад немало до сега можност и ресурси за таков тип на секојдневно чистење бидејќи истото се врши со тешка механизација. Решението е во Државниот инспекторат за животна средина, кој потребно е да воспостави систем за детекција и санкционирање на сторителите на дела кои ги загрозуваат животната средина и здравјето на граѓаните, со што би се спречила трајно оваа појава и понатаму би се превенирало истиот отпад по течението на Вардар да продолжи и кон други населени места во Македонија – ни одговорија неодамна од Град Скопје.
Точно е дека не може да се чисти секојдневно, но тоа не значи дека треба да се остави коритото со години запуштено и преполно со ѓубре. Последен пат багерите влегоа во Вардар пред шест години. Се чистеше на потегот од мостот „Гоце Делчев“ до полигонот под Кале, а работите ги вршеа екипи на ЈП „Улици и патишта“.
Екипите рачно ја чистат нискостеблеста вегетација од косините и од кејот на реката Вардар, а со багери машински се чисти и коритото од градежен шут и од наносите на надојдените води од обилните врнежи од дожд. Рачното чистење на вегетацијата, како и машинското чистење на минор коритото на реката Вардар, во централното градско подрачје ќе продолжи и во текот на наредните денови, соопштија тогаш од Град Скопје.
Сега пак, ниту „Улици и патишта“ ниту пак „Комунална хигиена“ не се чувствуваат надлежни да ја исчистат водата на Вардар.
Ве известуваме дека дел од екипите на ЈП “Улици и патишта”- Скопје се задолжени согласно Програмата за одржување на коритото на река Вардар на Град Скопје, да спроведуваат активности за редовно чистење на обраснатата вегетација од косините и минор коритото на реката. Претпријатието ги изведува активностите за чистење на кејот по точно утврден план за работа по кој што работат екипите на терен. По однос на вашата пријава за овој потег на кејот кај галиите, доколку се работи за наталожен комунален отпад, надлежноста припаѓа на ЈП „Комунална хигиена“, додека за чистење на обраснатата вегетација од косините на реката ќе постапи ЈП „Улици и патишта“- Скопје во најскор можен рок – велат од ова претпријатие.
Од „Комунална хигиена“ пак веднаш се оградија од оваа работа.
Активностите за чистење на коритото на Вардар не се во надлежност на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје – соопштија оттаму.
И додека Вардар се дави во ѓубре, можеби единствено останува граѓаните да организираат акција и да го чистат ѓубрето во водите на реката насобрани покрај брегот и галиите. Кога надлежните не си ја вршат работата, веројатно ништо друго не преостанува.