
ВИДЕО | Вака изгледа снимен телефонски повик на криминалната мрежа што „цеди“ илјадници евра за лажни сообраќајки во Македонија
Повозрасни граѓани од цела Македонија паѓаат како плен во рацете на измамничка мрежа на криминалци, кои организирано ѕвонат на нивните телефонски броеви и се преправаат дека се полициски инспектори и дека нивниот син или ќерка прегазил дете во сообраќајка. Потоа бараат пари, исклучиво во кеш, или злато, во замена за тоа „да ја средат работата и ќерката или синот да не лежат во затвор за делото“.
Препорачано
„Слободен печат“ обезбеди снимка од еден таков обид чиј таргет било македонско семејство од Кавадарци. Со години македонските граѓани особено повозрасните, стануваат жртви на оваа криминална мрежа. Прво некој им ѕвони од непознат број.
Од другата страна на линијата се наоѓа мулти-талентиран професионален „јавувач“. Ова е неговата единствена професија. Тој знае да одглуми еден куп улоги. И жртва, и женски глас, и машки глас, и полициски инспектор, и адвокат. Тој веднаш почнува со деталната „драма“.
– Вашиот син направи сообраќајка. Удри дете, детето е починато – лаже професионалниот измамник.
Додека жртвата на телефон доживува стрес, измамничката група продолжува да оперира – барајќи еден вид на поткуп за да се „прикрие сообраќајката и да се одоброволи семејството на загинатото дете“.
Ако побарате да разговарате со вашето дете, наводен сторител на сообраќајка со смртни последици, одговорот исто така е спремен: „Не може да разговара, повредена ѝ е вилицата, лежи во болница“.
Додека да се свестат дека станува збор за измамници, повозрасни граѓани во целата држава веќе се простиле од илјадници евра заштеди за последните години од животот. Давале злато, евра, долари, денари – се што имаат дома зачувано во кеш.
Групата им кажувала каде да ги донесат парите со такси, еден нејзин претставник доаѓал да ги собере и неповратно си заминувал.
Како е ова можно?
Првото прашање што си го поставуваат скептиците е како е можно да се падне во ваква замка? Одговорот најверојатно е комбинација на психолошки притисок, шок, стрес и траума, искомбиниран со перформансите на овие организирани измамници.
Станува збор за многу добро навежбани луѓе, чија основна професија е да мамат по цел ден. За да дојдат до плен, вртат на телефонски броеви по цел ден.
Тоа се дозна затоа што истражувачката новинарка од Бугарија Тина Иваилова ги фати на дело. Таа со својата екипа влезе во хотелска соба во градот Русе, каде ја начека оваа операција „во живо“.
Внатре беа и измамниците и безбројните сим картички, но и целата нивна драматургија – знаат да глумат глас на девојка што вика, строгиот глас на полицискиот инспектор, гласот на адвокатот, буквално сите улоги што им се потребни додека да ја добијат заплената.
Станува збор и за полиглоти, кои ги зборуваат речиси сите балкански јазици, затоа што им се потребни бидејќи оперираат во сите држави.
Најдобро поминуваат во Грција, каде пензионерите имаат големи заштеди. Бидејќи се работи за повеќе лица вклучени во групата, на телефон бараат и огромни суми, за да може да се разделат меѓу сите.
Министерството за внатрешни работи со години ги апси овие кланови, ама нови никнуваат
Бизнисот со изнудување на последните заштеди на пензионерите, со години во земјава цути. Од Министерството за внатрешни работи за „Слободен печат“ велат дека во 2024 година имале регистрирано вкупно 25 вакви настани од кои само на подрачјето на СВР Скопје регистрирани биле 15.
По преземените мерки поднесени се 4 кривични пријави, од кои две се против непознат сторител.
Во мрежата актери е и државјанката на Бугарија В.Е.И која била протерана од Македонија, додека во исто време против неа имало кривична пријава и за друг ваков телефонски повик од кој изнудила 20 илјади евра од 70-годишна жена. Тој повик македонските правосудни власти ѝ го простија бидејќи не ја процесуираа туку ја протераа без воопшто да ја гонат за него.
Началникот на секторот за односи со јавност во МВР, Гоце Андреевски во видео материјал на полицијата ја информира македонската јавност за измамата и дека примиле бројни вакви пријави за измамени претежно повозрасни граѓани.
Само со поголема информираност за модус-операндито, може да се заштитат граѓаните. Кога македонската полиција ќе приведе некој од членовите на овој клан, тоа не е без да му ѕиркаат илјадници евра од џебовите.

На пример кога на 2 октомври 2022 година, на граничниот премин Деве Баир македонската полиција го уапси 34-годишниот бугарски државјанин Н.П.С од Плевен, инаку телефонски измамник во оваа шема, најдени му биле и 10.400 евра. За помалку од два месеци, успеал да им собере 40 илјади евра на повозрасни македонски граѓани и злато во вредност од 10 илјади евра, лажејќи ги дека нивните деца направиле сообраќајка во која загинало дете.

Им велел дека ако сакаат да го спасат синот или ќерката од одење во затвор, треба да се плати и да се подмити. МВР при претресот му нашла картички за телефон, телефони и други предмети поврзани со кривичните дела.
На социјалните мрежи пополека се охрабруваат да ги разобличуваат
На социјалните мрежи граѓаните сè повеќе се охрабруваат да ги разобличат тактиките на криминалната група. Апелираат свештеници, измамени луѓе, семејства, но и обични граѓани кои сакаат да се крене свеста кај населението за овој проблем. За жал, постои и смрт предизвикана како последица на ваков телефонски повик во земјава. Граѓаните што ќе ги дадат парите тешко живеат со чувството на вина.
-Многу граѓани завршија во болница од стресови. Утре може да ви се јават и вам – се вели во овие апели.
Оваа измама е „родена“ во затвор
Оваа измама оригинално е смислена во затворска келија, од страна на таканаречениот Голем брат, или Кољо Мишината, бугарски затвореник. Таа релативно брзо се пресели од Бугарија и Романија и на нашата територија.
Како што пред 5 години ги опиша портпаролката на бугарското јавно обвинителство, Сиика Милева, „ало-бандитите“ иако се со ниско образование, живеат во луксузни вили, возат скапи автомобили врз грбот на ограбени пензионери. Само една жртва од Грција, во 2020 година им дала 20.000 евра.
Телефонските престапници биле фатени во Русе, бугарски град, на самата граница со Романија.
А Романија, веќе три години е „Мека и Медина“ за телефонски измами. Таму сим-картичка може да се купи без лична карта, а бандите кои измамуваат преку телефон, во Букурешт покрај пазарот „Црвен дракон“ имаат цели „тренинг-кампови“ – мотели и приватни станови, од каде по апостолки и во шорцеви, вртат рандом броеви додека некој недолжен човек, не се согласи да биде „исцицан“ за илјадници евра.