ВИДЕО | Уште нераспишани изборите Меџити во кампања – во Чаир ветува паркинзи и канализации

Уште нераспишани изборите, министерот за животна средина и просторно планирање Изет Меџити кој ќе биде кандидат за градоначалник на Чаир почна на терен со топли ракувања со граѓаните, решавање на паркинзите во Чаир канализациските и водоводните мрежи.

На својот Фејсбук профил денеска објави дека денот го започнал на терен, во скопската населба Топана, каде извршил увид во изградбата на еден од новите планирани паркинзи во Чаир.

– Со овој проект имаме за цел да ја подобриме урбаната инфраструктура и конечно да го решиме долгогодишниот проблем со недостатокот на паркинг-места, што со години го отежнува секојдневниот живот на жителите – изјави Меџити.

Меџити најави дека ваквиот пристап ќе продолжи и во другите делови на општината:

– Ќе продолжиме со истата посветеност во секое маало, секоја улица, секоја населба – со граѓанинот секогаш во центарот на одлуките – потенцираше тој.

Вчера пак Меџити со фотографии и видео најави голема инвестиција вредна над 1,4 милиони евра за изградба на нова водоводна, атмосферска и канализациска мрежа во населбата Дуќанџик.

– Ова е вистинска трансформација на основната инфраструктура која директно ќе го подобри квалитетот на животот на граѓаните во оваа населба – изјави Меџити.

Проектот бил финансиран од Владата и Министерството за животна средина, во соработка со Европската инвестициска банка (EIB).

– На терен сме, во акција и нема запирање. Дуќанџик се гради со нови стандарди и со забрзано темпо – рече Меџити. Тој и министерот за социјална политика ќе се кандидираат на локални избори, едниот за Чаир, а другиот во Кичево.

Изборниот законик, всушност, не им забранува на министрите да се кандидираат за градоначалници, но не смеат да ги користат државните ресурси за партиски цели.

Исто така, во овој период не може да почне изградба на патишта, водоводи, далноводи, канализација, спортски игралишта, училишта и градинки со пари од буџетот, „освен ако за таа намена претходно се обезбедени средства од буџетот, односно се работи за реализација на програма донесена врз основа на закон во тековната година“. Тоа значи дека министрите кандидати нема да може да фрлаат лопати, меѓутоа ќе можат да се појавуваат и да се сликаат на веќе почнати проекти. Ова не е противзаконски, но е суптилно влијание врз гласачите.

Ни оваа власт нема да пресече со сечењето ленти пред избори – нема да фрлаат лопати, но ќе се сликаат

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот