
ВИДЕО: Трет ден трае потрагата по исчезнатиот маж, во водите на Глажња влегуваат и армиските Волци
Се уште трае потрагата по 29- годишниот маж кој исчезна во водите на вештачкото езеро Глажња и овој трет ден се интензивира со вклучување на армијата и на доброволци.
Препорачано
Поради тешкиот терен за пребарување, многу косиот брег и голема длабочина која започнува веднаш по влегувањето во водата, а на петнаесетина метри оддалеченост од брегот достигнува 40 метри, трет ден се ангажирани 10 нуркачи од САЕ Тигар кои се обучени да нуркаат до 40 метри длабочина.
Од ЦУК известуваат дека тим за спасување на ДЗС од Велес исто така врши површинска потрага по брегот на езерото, а екипи на СВР Куманово го обезбедуваат местото на несреќата.
Во секој момент треба да пристигнат и 8 нуркачи од армиските специјалци Волци кои ќе се приклучат на потрагата, соопштија од ЦУК.
-За жал, местото е многу лошо, брегот е исклучително стрмен. Само неколку метри после брегот, длабочината е повеќе од 20 метри, така што за да се олесни потрагата се јавија двајца ентузијасти од Охрид, од Здружението на граѓани „Еко туризам 2016“ – Охрид кои со специјален подводен дрон ќе помогнат во потрагата. Детектиравме неколку места во потрагата каде потенцијално би можело да биде телото и сега ќе влезат нуркачите од Тигрите, рече директорот на ЦУК Стојанче Ангелов кој и денеска беше на терен на Глажња.