Доналд Трамп/ Фото: EPA-EFE/CHRIS KLEPONIS/ POOL

ВИДЕО | Трамп ги предупреди европските лидери: Доста купувате руска нафта, Путин така ја финансира војната против Украина

Претседателот на САД, Доналд Трамп, истакна дека за една година Русија заработила 1,1 милијарда евра од продажба на гориво на ЕУ и побара од европските лидери да извршат економски притисок врз Кина.

Американскиот претседател Доналд Трамп им порача на европските лидери во четвртокот дека Европа мора да престане да купува руска нафта зашто на тој начин Москва го финансира војувањето против Украина, изјави официјално лице од Белата куќа, објави Ројтерс.

Трамп се приклучи на повикот на земјите од „Коалицијата на волните“, предводена од францускиот претседател Емануел Макрон, кои разговараа за безбедносни гаранции за Киев во случај да се постигне мировен договор со Русија.

– Претседателот Трамп нагласи дека Европа мора да престане да купува руска нафта со која се финансира војната бидејќи Русија добила 1,1 милијарда евра од продажба на гориво на ЕУ за една година. Претседателот нагласи и дека европските лидери мора да извршат економски притисок врз Кина која го финансира военото дејствување на Русија – изјави официјалното лице.

Европската комисија предложи закон со кој увозот на руска нафта и гас во ЕУ би се укинал до 1 јануари 2028 година, во обид Брисел да ги прекине децениските енергетски врски со Русија по нејзината инвазија врз Украина во 2022 година.

Трамп е разочаран од тоа што не успеа да ја запре војната во Украина, иако првично предвидуваше дека ќе може бргу да ја заврши откако стапи на функцијата во јануари.

Зеленски се сретна со Фон дер Лајен и со Виткоф

Официјалното лице изјави и дека украинскиот претседател Володимир Зеленски и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, биле меѓу лидерите кои учествувале во повикот.

– Состанокот на „Коалицијата на волните“ беше за безбедносни гаранции за Украина. Претседателот Трамп ја доведе во прашање нивната сериозност додека тие продолжуваат да ја полнат руската економија и војна. Претседателот јасно стави до знаење дека ова не е негова војна и дека Европејците мора да преземат поголем дел од товарот – додаде официјалното лице.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски се сретнал и со специјалниот претставник на претседателот Трамп, Стив Виткоф, за да разговараат за тековните напори за ставање крај на руската војна против неговата земја, што вклучуваат и безбедносни гаранции за државата погодена од војната, објави Си-Би-Ес Њуз.

Шефот на кабинетот на Зеленски, Андриј Јермак, по средбата на украинскиот претседател со Виткоф истакна дека безбедносните гаранции треба да бидат „цврсти и делотворни – во воздухот, на морето, на копно и во сајбер-просторот“. Француското претседателство објави видео од состанокот на кое се гледа како Виткоф се поздравува со Зеленски и го прегрнува.

Виткоф беше поканет на состанокот на „Коалицијата на волните“ за да се разговара за помошта за Украина, вклучително и за планирање воена поддршка во случај на примирје, со цел да се одврати идната руска агресија.

Путин со Кси Џинпинг и Ким Џонг Ун во демонстрација на анти-американско единство

Европските држави го намалија купувањето на руски фосилни горива од почетокот на војната, но не и целосно. Тие работат на заменување на руската нафта и гас со снабдување од други извори, но континентот со години беше зависен од евтина енергија од Москва и ќе бидат потребни години за да се постигне енергетска независност.

Европските држави, предводени од Британија и Франција, во меѓувреме, се обидуваат да обезбедат уверувања од Белата куќа дека секоја нивна трупа, испратена за долгорочна поддршка на Украина, по евентуалното примирје ќе има американска поддршка.

Францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Кир Стармер, кои ја водат групата, инсистираа дека секоја европска „сила за уверување“ во Украина мора да има поддршка од САД.

„Трамп се согласи на неопределено американско присуство во Украина“

Фон дер Лајен, оваа недела рече дека се подготвуваат „прецизни планови“ за пост-воено распоредување на меѓународни сили во Украина, додавајќи дека постои „јасна патека“ и дека Трамп се согласил на неопределено „американско присуство“ како гаранција за секоја европска трупа.

Претседателот Трамп сепак јасно ставил до знаење дека нема да испраќа американски војници во Украина, а официјални лица претходно сугерираа дека улогата на САД би можела да биде во координација, наместо со војници на терен. Претходно Трамп посочи дека не ја исклучува можноста за користење американски авиони за поддршка на европските мировни напори. Владата на Зеленски, пак, очекува продолжување на споделувањето разузнавачки податоци и воздушна поддршка од САД.

Територија во замена за мир – што мислат луѓето во Донбас

Канцеларијата на Стармер по состанокот изјави дека премиерот „нагласил дека групата има нераскинлива обврска кон Украина, со поддршка од претседателот Трамп, и дека сега мора да се оди уште подалеку во вршење притисок врз Путин за да се постигне прекин на огнот“.

Европа спремна за безбедносни гаранции

Додека Украина ја прифати понудата на администрацијата на Трамп за итно примирје, Путин сè уште не се согласил дури ни да се сретне со Зеленски на неутрална територија, туку предложил тој да дојде во Москва. И покрај критиките на Трамп, Путин продолжува со офанзивата во Украина и со напади врз воени цели и цивилна инфраструктура.

Канцеларијата на Стармер спомна и дека европската коалиција одлучила да ѝ достави на Украина ракети со долг дострел „за дополнително да се зајакнат залихите“.

– Ние Европејците сме подготвени да обезбедиме гаранции за Украина веднаш штом ќе биде потпишан мир – рече тој.

Макрон по состанокот на европските лидери изјави дека 26 земји се спремни да испратат војници во Украина или да обезбедат помош на копно, море или во воздух како дел од идните безбедносни гаранции. Тој повтори дека меѓународните трупи нема да бидат распоредени во контактните области, туку „во географски области што во моментов се дефинираат“.

– Оваа оперативна работа сега треба да се формализира на политичко и на правно ниво за да можат безбедносните гаранции бргу да се спроведат кога ќе се постигне примирје или мировен договор – рече Макрон.

 

Путин остро се спротивставува на идејата за западни сили во Украина како дел од мировен договор.

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во четвртокот изјави дека Украина е „суверена земја“ и дека „Москва нема право да одлучува“ какви гаранции ќе се воспостават.

Руте: Мир ќе обезбедиме преку сила

Сепак, додека не се постигне примирје, кое зависи од Путин, поствоените безбедносни гаранции остануваат само теоретски, а Украина ќе мора да продолжи да се брани од постојаните руски напади.

Руте, кој виртуелно присуствуваше на состанокот во Париз, рече дека е потребна широка коалиција за да се поддржи Украина и да се зајакне Европа против можни идни руски напади. Тој предупреди дека европските разузнавачки служби имаат информации за планови на Москва да нападне други држави во наредната деценија.

– Мораме да осигуриме дека нашата одвратувачка моќ е таква што Русија никогаш нема да се обиде, знаејќи дека нашиот одговор ќе биде разорен. Знаеме што се обидува да направи Путин и доказите се таму, во Украина, додека зборуваме – изјави Руте.

Зеленски: Територијалните отстапки би биле појдовна точка на Путин за понатамошни офанзиви

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!