Облак од прашина во Тетово од уривањето на Монополот / Фото: Тетовоинфо / скриншот

ВИДЕО: Тетовци се гушат во прашина – без никаква заштита се урива Монополот продаден „за беспари“, ќе никнат станбени згради

Луѓето во половина Тетово веќе два дена се соочуваат со неподнослива прашина, откако започна уривањето на некогашниот Монопол за тутун, на чие место со контроверзниот урбанистички план се планира изградба на блокови од станбени згради со вкупно 2.000 станови.

Огромните облаци од прашина ги „голтаат“ улиците во делот од градот на излезот кон Скопје од уривањето на објектите кое се врши без никакви мерки за заштита – ниту за граѓаните, ниту за работниците ангажирани на рушењето. Тетовчани велат дека глетката и чувството се слични на оние од снимките и извештаите од Газа.

Уривањето на Монополот во Тетово / Фото: Тетовоинфо / скриншот

Порталот „Тетовоинфо“ објави застрашувачка снимка на која се гледа како огромниот облак од градежна прашина вчера го обвил градот.

Ништо помалку контроверзна не беше ниту продажбата на државното земјиште на кое се наоѓаат објектите на Монополот и некогашните компании „Југотутун“ и „Тетово табак“, чиешто разградување и распродажба на приватни сопственици започна уште пред децении, во времето на владата на Љубчо Георгиевски. Општината лани го продаде државното градежно земјиште за 70 денари по квадратен метар.

Градоначалникот на Тетово, Биљал Касами, кој изјавуваше дека не бил моќен да ја спречи продажбата на земјиштето и донесувањето на ДУП-от кој предвидува изградба на уште еден бетонски комплекс во и онака „бетонизираниот“ град, сега вели дека ќе има постапка против изведувачите на уривањето.

Од граѓанската иницијатива „Тетово сака парк“, која се противи на контроверзниот ДУП што предвидува станбени згради на местото на Монополот, велат дека „ваква еколошка катастрофа одамна не му се случила на Тетово“.

Вчера, граѓаните на Тетово не можеа да излезат од своите домови зошто дебел слој прашина го покри нашиот град. Се рушеше објект изграден на земјиште кое беше државно, но дадено за смешни пари на приватни инвеститори и така се окупира последниот јавен простор којшто можеше да биде парк во нашиот град. Урбаната мафија си го приграбува овој простор, народните претставници тоа немо го гледаат и креваат два прста за одобрување. Целиот град беше покриен со прашина бидејќи не се применуваат законските одредби кои предвидуваат како се постапува кога треба да се рушат ваков вид на објекти. Ваква еколошка катастрофа одамна не му се случила на Тетово“, вели Даријан Сотировски од „Тетово сака парк“.

Во реакција на тврдењата на тетовскиот градоначалник дека бил немоќен да го спречи отуѓувањето на монополот и донесувањето на ДУП-от, активистите објавија извадок од „Службен весник“ од кој се гледа дека токму Касами, во непосредна постапка, односно „во четири очи“, го потпишал договорот со непосредна спогодба на АД „Тетово Табак“ во ликвидација, во време кога земјиштето е купувано од приватната компанија „ЕЛАСТАН ДООЕЛ“.

„Го објавуваме Договорот бр.10-124 со кој Биљал Касами како Градоначалник на Општина Тетово го отуѓил градежното земјиште сопственост на Р. Македонија со непосредна спогодба на АД Тетово Табак во ликвидација во време кога истото е купувано од ЕЛАСТАН ДООЕЛ. Дали ќе се отуѓи градежно земјиште сопственост на државата за окрупнување на парцела, е во ингеренции на градоначалникот и во ниту еден случај тој не е принуден тоа да го дозволи“, велат од „Тетово сака парк“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот