Стивен Колберт - Фото: Принтскрин/ Јутјуб

ВИДЕО | Стивен Колберт го најави крајот на „Лејт најт шоу“: Никој нема да ме замени, едноставно сè исчезнува

„Си-би-ес“ на 17 јули објави дека планира да ја откаже емисијата „Лејт најт шоу со Стивен Колберт“ по завршување на следната телевизиска сезона. Телевизијата појасни дека ова е чисто „финансиска одлука“.

„Веруваме дека Стивен Колберт е незаменлив и решивме да ја пензионираме франшизата „Лејт најт шоу“ во мај 2026 година“, изјавија раководителите на „Си-би-ес“ во соопштението. „Горди сме што Стивен го нарече „Си-би-ес“ свој дом. Тој и шоуто ќе бидат запаметени како дел од легендарната историја на телевизијата“.

„Ова е чисто финансиска одлука во тешки времиња за ноќните емисии. Не е поврзана со изведбата на шоуто, содржината или други околности во рамките на Парамаунт“, се заклучува во соопштението.

Колберт се осврна на веста за време на снимањето на емисијата во четврток во театарот „Ед Саливан“ во Њујорк, откривајќи дека дознал за одлуката претходната вечер.

Тој го започна своето обраќање од познатата маса на шоуто заблагодарувајќи ѝ се на мрежата за нивната доверба. Кога публиката почна да протестира, Колберт додаде: „Да. Ги делам вашите чувства.“

„Никој нема да ме замени – едноставно сè исчезнува.“

„Луѓето во ‘Си-би-ес’ беа одлични партнери. Благодарен сум на Tiffany Network за оваа столица и прекрасната сцена што ја нареков дом. И секако, благодарен сум ви вам, публиката, што нè следите… Особено сум длабоко благодарен на 200-те луѓе што работат тука“, рече Колберт, пренесува „Њујорк пост“.

Колберт го презеде „Лејт најт шоу“ во 2015 година по заминувањето на Дејвид Летерман, а шоуто го одржува своето водство во гледаноста речиси десет сезони. Првата епизода се емитуваше на 8 септември 2015 година, а оттогаш се снимени речиси 1.700.

Одлуката на „Си-би-ес“ означува крај на историското емитување ноќни емисии на мрежата, кое започна кога Дејвид Летерман се пресели од „Ен-би-си“ во „Си-би-ес“ во 1993 година.

Пред „Лејт најт шоу“, Колберт беше познат по своите улоги во „Дејли шоу“ и „Извештајот на Колберт“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот