ЕСА - Солар орбитер/Фото: AFP / AFP / Profimedia

ВИДЕО | Спектакуларно: Јужниот пол на Сонцето снимен за првпат во историјата

Јужниот пол на Сонцето, досега неистражен регион на нашата ѕвезда, за првпат снимен на восхитувачки снимки од вселенското летало „Солар орбитер“.

Заедничка мисија на Европската вселенска агенција (ЕСА) и на НАСА го набљудувала Сонцето надвор од рамнината во која орбитираат планетите и првпат ги снимила неговите мистериозни поларни региони. Револуционерните набљудувања открија хаотичен мозаик на магнетни активности на полот на Сонцето, за кој научниците веруваат дека е клучен за разбирање како магнетното поле на Сонцето се менува на секои 11 години.

– Денеска, за првпат во историјата, му покажуваме на човештвото снимки од половите на Сонцето. Сонцето е нашата најблиска ѕвезда, извор на животот, но исто така и потенцијална закана за современите вселенски и енергетски системи на Земјата, па затоа е клучно да разбереме како функционира и да научиме да го предвидиме неговото однесување. Овие уникатни слики од мисијата „Солар орбитер“ го означуваат почетокот на новата ера во соларната наука – рекла професорката Керол Мандел, директорка на Одделот за наука во ЕСА.

Во мисијата од 1,3 милијарди долари (околу 1,1 милијарда евра), која започна во 2020 година, забележани се слики од јужниот пол на Сонцето кон средината на март, кога вселенското летало се нашло под агол од 15 степени под екваторот на Сонцето, овозможувајќи го првото набљудување на половите на Сонцето од тој агол.

 


Додека Земјата има постојани магнетни полови, магнетното поле на Сонцето се превртува на секои 11 години, односно доаѓа до замена на магнетските полови и токму тогаш го достигнува својот врв на активности, со најмногу сончеви дамки и ерупции.
Првите магнетни мерења од „Солар орбитер“ открија фрагментиран мозаик од северни и јужни поларни региони на површината на Сонцето. Овој примерок беше предвиден со компјутерски симулации, но досега не беше потврден со директно набљудување. Научниците нагласуваат дека следењето на драматичните промени во магнетното поле на половите ќе биде клучно за поточни прогнози за циклусот на Сонцето.

– Не знаевме точно што да очекуваме од овие први снимки, половите на Сонцето беа буквално тера инкогнита – рекол професорот Сами Соланки, раководител на инструментот за мапирање на магнетното поле и директор на Институтот Макс Планк за истражување на Сончевиот систем во Германија.

Магнетниот циклус на Сонцето настанува затоа што не ротира како цврсто тело – неговиот екватор ротира побрзо (на секои 26 дена) од неговите полови (на секои 33 дена). Оваа разлика ги растегнува и извиткува магнетните полиња сè додека не станат толку нестабилни за поларитетите да се заменат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот