Снежана Јаковлеска/Фото Слободен печат

ВИДЕО | Снежана Јаковлеска тврди: Мојот син нема никаква врска со исчезнувањето на внукот на Љубе Бошкоски, а полицијата му врши притисок

Снежана Јаковлеска, медицинска сестра од Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје, се жали на несоодветен третман од страна на полицијата.

Таа за „Слободен печат“ вели дека сѐ почнало кога исчезна Самоил Костадиновски, внукот на Љубе Бошкоски, кој бил добар пријател на нејзиниот зет за ќерка. Оттогаш полицијата, освен што спроведувала претрес во домот на Јаковлеска барајќи дрога, почнала да врши прегледи и врз нејзиниот син Јосиф, за кои вели дека резултирале со физички повреди, но и со психички последици.

-Сето ова почна со исчезнувањето на внукот на Љубе Бошкоски, којшто беше добар другар на зет ми. Зет ми беше повикан во полиција, разговараа со него и го пуштија. По недела дена, во домот ми се спроведува претрес за недозволено производство и пуштање во промет на наркотични дроги. Како ова е напишано и дојдено до мене и мојата куќа, не ми е јасно. Не најдоа ништо зашто нема, ниту пак некогаш имало. Рекоа дека не го бараат тоа од наредбата, туку го бараат мојот зет и дека целиот претрес е поради него. Последните неколку недели никој од нас нема контакт со зетот. Ниту знаеме каде е, ниту комуницираме. Како што имаме дознаено, тој е во странство, вели Јаковлеска.

Според неа, претресот бил само почетокот на полициските дејства за кои смета дека воопшто не би требало да се насочени кон неа и кон нејзиниот син.

Јаковлеска најави дека случајот со тортурата врз неа, синот и семејството ќе го пријави лично во Внатрешната контрола во МВР, зашто момчето било пресретнато од полицајци и на неговото работно место во скопска пицерија, испрашувано, физички и психички малтретирано.

-Мојот син потоа отиде на Ургентен центар и таму во извештај му се регистрирани настанатите повреди на лицето. Отидовме и во полициската станица Карпош и тие повикаа и внатрешна контрола и коректно и уредно ни зедоа изјави. Но. тоа не престана тука. Истото продолжи и потоа, повторно на неговото работно место, и тоа откако од внатрешната контрола дојдоа и ги зеле снимките од камерите за надзвор од претходната пријава, објаснува загрижената мајка и додава дека синот живее во страв, се плаши сам да се движи, пие и седативи за смирување од претрпената психичка тортура.

„Мислам дека е повредена нашата слобода и безбедност“, вели таа и за сета помината голгота ќе му испрати писмо со документација и фотографии на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, за тој лично да се информира за случајот и да реагира.

-Дел од таа полициска екипа во цивилно, што користат значки, си земаат многу за право и не е само моето дете што се пожалило од нив туку има и други деца. Мислам дека ќе се преземе нешто, дали се тоа поединци или е тоа група или е тоа целата единица. Мој заклучок е дека тоа се поединци. Тоа ќе го покажат снимките што ги обезбеди Внатрешната контрола на МВР, вели Јаковлеска.

Внукот на Љубе Бошкоски, Самоил Костадиновски исчезна на 4 март и оттогаш од него нема никаква трага. За грабнувањето на Костадиновски полицијата приведе две лица, но него не успеа да го пронајде, па истрагата продолжува.

Погледнете ја целата изјава на Снежана Јаковлеска за „Слободен печат“:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот