
ВИДЕО | Скопјани не го забораваат 26 јули: Беше страшно, да не се повтори!
Во земјотресот што на 26 јули 1963 година го погоди Скопје, животот го загубија 1.070 граѓани, а 3.000 беа повредени. Без покрив над главата останаа повеќе од 200.000 луѓе. Повозрасни скопјани што го преживеале земјотресот, иако тогаш биле деца, и ден-денес се сеќаваат на тие ужасни денови.
Изминаа 61 година од скопскиот катастрофален земјотрес, кој на 26 јули 1963 година во пет часот и 17 минути, го погоди главниот град и засекогаш го промени неговиот лик и животот на неговите жители. Во ужасниот потрес животот го загубија 1.070 граѓани, а 3.000 беа повредени. Беа урнати 15.800 дома, а оштетени 28.000. Земјотресот остави без покрив над главата повеќе од 200.000 луѓе.
Препорачано
Првата помош за Скопје по земјотресот пристигнала од војската и граѓаните на тогашните југословенски републики, а неколку денови потоа почнало масовно да пристигнува помош и спасувачки екипи од целиот свет. Дури 78 земји им помогнале на жртвите од земјотресот и одново го изградиле Скопје со парична, медицинска и инженерска поддршка, но и градежни тимови и набавки, за што градот децении потоа останува препознатлив како град на солидарноста.
Повозрасни скопјани што го преживеале земјотресот, иако тогаш биле деца, и ден-денес се сеќаваат на тие ужасни денови.

Скопјанецот Илиријан Чаволи раскажува дека имал 10 години кога се случил земјотресот. Ден претходно, неговиот татко Исак го качил на воз на тогашната железничка станица и го испратил на гости кај тетка му во Пеќ. Кога дознал дека во неговиот град се случила таква катастрофа, бил преплашен.
Бев возбуден, со солзи, бидејќи не ја знаев состојбата во мојата куќа, на моите родители и брат ми. Додека стапивме во контакт со нив, некаде приквечер, тоа беше кошмар за мене, ме тешеа другарите, веднаш дојдоа од градот бидејќи бев единствен скопјанец. Моите беа добро, нашата куќа имаше мали оштетувања, еден ѕид паднал – се присетува Чаволи.

Во земјотресот загинале многу луѓе, но и другар му од клупа, со кој биле заедно од прво одделение. Се викал Леонид и живеел во куќа залепена до кино „Култура“, која се урнала во потресот.
Чаволи вели дека иако не бил во Скопје, ужасно било да се гледаат првите слики на телевизија за тоа што се случило во неговиот град.
Светот дојде напомош на Скопје, градејќи го. Некои од градбите што го означуваа градот беа во лоша состојба, куќите што требаше да се урнат беа со црвена линија обоени. Градот Скопје постепено го доби својот лик, но, за жал, не е ова тоа мое Скопје што јас го сакам, од старо Скопје пред земјотресот ништо не е останато.
Екипата на „Слободен печат“ поразговара со неколку повозрасни граѓани за скопскиот земјотрес.
Една од нив кога се случил земјотресот имала 7-8 години и со семејството живееле во Автокоманда, а кај нив на гости биле дојдени и роднини од Бугарија. За среќа, сите преживеале иако претрпеле голем страв.
По неколку денови татко ми ме зеде за рака и рече ќе одиме до Камени мост. Што да кажам, сѐ беше урнато, сѐ уште прашина се креваше нагоре. Стоеја само кулите покрај Вардар, другото сѐ беше во урнатини – раскажува соговорничката.

И друга наша сограѓанка се сеќава на тие морничави мигови и на деновите потоа. Имала само 8-9 години и живееле на приземјето од трикатна куќа кај Универзална сала.
Беше страшно, јас мислев дека е војна, цел град беше во прашина. Нашата куќа беше разрушена, но среќа што бевме на приземје па изрипавме однатре. Моја добра другарка, Снежана Караџова, загина кај Универзална како и многу други. Беше страшно, што да ви кажам, да не се повтори никогаш. На секој звук на земјотрес, јас одново го преживувам тоа, сѐ уште многу се плашам. Жива останав, јас, брат ми, сестра ми, бевме цели со цемент на главите, но преживеавме – се присетува таа.

Болни и тажни се спомените што скопјани кои биле сведоци на ужасниот ден и деновите потоа, цел живот ги носат со себе.
Денеска одново сите граѓани ќе се потсетат и ќе ја одбележат годишнината од скопскиот земјотрес, во чест на сите што ги загубија животите на 26 јули пред 61 година и на нивните семејства. Со пригодни свечености ќе се одбележи денот кога градот се пеплоса, а потоа одново се изгради со солидарноста на земјите од светот.
Целосните сведоштва на неколкумина скопјани за скопскиот земјетрес погледнете ги во видеото што следи: