
ВИДЕО | Шукова вети современ центар со дискотеки, културни и спортски настани блиску до Скопје
Кандидатката за градоначалник на Град Скопје од СДСМ, Каја Шукова, вели дека проектот „БРТ“ е единственото функционално и одржливо решение за решавање на деценискиот проблем со јавниот превоз во Скопје, соопшти СДСМ.
Препорачано
Во гостување на „Сител“, Шукова зборуваше за својата визија и програма за враќање на духот на градот и за подобрување на квалитетот на животот.
– Сметам дека БРТ мора да се реализира прво, зашто е брз и ефикасен систем, второ, зашто средствата се веќе обезбедени од Европската банка за обнова и развој и трето, зашто претставува одржливо, еколошко и безбедно решение за транспорт во градот – рече Шукова.
Таа додаде дека првата фаза од БРТ линијата од Ѓорче Петров преку Центар до Ново Лисиче и Аеродром е целосно подготвена за реализација.
– Мора да му дадеме шанса на овој проект. Реалната проценка е дека првата линија може да биде завршена во рок од 2,5 до 3 години по распишувањето на тендерот – нагласи Шукова.
Покрај транспортот, Шукова ја истакна и потребата од подобрување на комуналните услуги како редовно одржување на јавната чистота, носење на законот за комунална полиција и од уредување на претоварната станица Вардариште.
Кандидатката за градоначалник на Скопје тврди дека проектот „Смарт сити“ е реализиран само делумно, во областа на јавното осветлување, додека останатите бенефити од дигитализацијата сè уште не се имплементирани.
Скопје мора да понуди повеќе можности за младите, но и за сите генерации преку дискотеки, културни и музички настани, и центри за забава, порача таа во нејзиното гостување на Сител.
– Градот мора да биде целина која нуди квалитетен живот за сите, за децата, младите, возрасните и пензионерите. Нашата визија е да создадеме град отворен за сите, без политички поделби – истакна Шукова.
Таа најави дека еден од клучните проекти во нејзината програма е изградба на современ Конгресен центар, кој ќе биде домаќин на културни, спортски и музички настани, какви што во моментов нема каде да се одржуваат во градот.
– Овој Конгресен центар ќе понуди и простор со повеќе дискотеки и кафетерии, но нема да се наоѓа во централното градско подрачје туку ќе биде во близина на Скопје, со цел да се избегне дополнителен метеж во градското јадро – објасни Шукова.
Таа нагласи дека градот ќе работи во партнерство со угостителите и со граѓаните за да креира современи решенија кои ќе го вратат културниот и забавниот живот во Скопје.