
ВИДЕО: Шакалите зачестија на плажите на Халкидики, биолозите велат дека веќе не се плашат од луѓето
Туристите на популарниот грчки полуостров Халкидики ова лето како никогаш досега имаа „блиски средби“ со шакали – животните од семејството во кое спаѓаат и кучињата и волците годинава се чести посетители на плажите, посебно на вториот крак на Халкидики, Ситонија, од кој голем дел е покриен со шума.
Препорачано
Туристичкиот одбор „Никана травел“, кој со години ги следи случувањата во Ситонија, објави дека летово добил бројни пораки од туристи кои навечер слушале завивање слично на волчјото во околните шуми.
На неодамнешна снимка од плажа на Халкидики, може да се види шакал, кој ноќе поминува меѓу лежалките поставени на плажа во населено место на вториот крак. Тој изгледа љубопитно и мирно поминува додека го снимаат, не покажувајќи страв.
„Ситонија има многу шуми и секако има див свет во нив и добро е што е така. Лисиците често се гледаат, но понекогаш се случува и ваква средба“, се вели во објавата на социјалните мрежи. „Диви свињи, волци, лисици, чакали, зајаци – сите овие ги има во шумите на Ситонија. Ретко се спуштаат на брегот“, додаваат од агенцијата која носи српски туристи на Халкидики.
Оттаму сепак предупредуваат дека ваквите појави сега се почести и дека туристите треба да бидат внимателни при контактот со какви било диви животни.
Биолозите предупредуваат дека дивите животни се спуштаат во населените места во потрага по храна, особено во летните месеци кога голем број туристи оставаат ѓубре во природата. Тие велат дека шакалите веќе не се плашат толку од луѓето и се навикнале да бидат во нивно присуство.
Шакалите, инаку, ги има и во повеќе делови од западна и источна Македонија, како и по долината на Вардар. Златниот шакал се сметал за истребен во нашата земја од 60-тите години на минатиот век, но пред повеќе од две децении припадници на видот се повторно забележани и оттогаш имаат релативно мала, но стабилна популација од проценети неколку стотици во македонските шуми и на планините.