
ВИДЕО | СДСМ прашува дали Росица му праќала пораки на Тошковски да моли за помош, а тој ја игнорирал?
Дали Росица му праќала пораки на Тошковски да моли за помош а тој ја игнорирал, праша на денешната прес-конференција портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
„Очајно ми треба помош“ – напишала младата Росица пред насилникот да ѝ го одземе животот. Во јавноста се појавија пораки од Росица наводно испратени до министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, во кои таа зборува за нејзиниот страв и очајно бара помош. „Се надевам дека пишувам на право место и дека конечно некој во оваа држава ќе отвори уши и очи за мојата безизлезна ситуација. Човекот кој од декември наваму ме демне, ме тепа, ми нанесува друг вид на насилство, силува, прогонува и последно пред 5 дена ми ја запали колата е сè уште на слобода“, пишува во пораката која наводно е испратена до министерот Тошковски. Дали оваа порака Почитуван министре стигнала до вас пред 5 месеци?, праша Кузеска.
Таа постави прашање до министерот, ако пораката стигнала, тогаш што направил тој.
-Прашуваме, бидејќи наводно во оваа порака на Росица е објаснета нејзината целосна голгота низ институциите, името на обвинителот, но и тоа дека на човекот кој ја уби Росица и покрај сите терори кои ги трпела и ги пријавила уредно, стои дека пасошот му е вратен од страна на МВР. „Вратен му е пасошот од МВР и во моментов слетува во Берлин“, напишала Росица. Прашуваме уште еднаш, дали е ова точно? – рекоа од СДСМ.
Кузеска додаде дека „ако е така, тогаш граѓаните со сигурност може да заклучат дека се оставени сами на себе кога се работи и за нивниот живот и дека залудно пријавуваат насилство, закани и демнење“.
Смртта на Росица е трагична. И ниту еден коментар од послушниците на власта не може да ја намали сериозноста на непостапувањето на институциите да го спасат животот на оваа млада жена. Ниту Миленко Неделковски, ниту било кој од власта, кој се обидува да ја префрла топката еден на друг. Каде во оваа држава човек треба и може да се обрати доколку му се закануваат по живот? Доколку го тепаат, му палат автомобил? Каде може да пријави една жена за да знае дека таа и најблиските ќе бидат сигурни? Убиството на Росица не смее да биде заборавено. Убиството на Росица бара одговори, бара одговорност и бара будност и голема сериозност на институциите, а не префрлање на вина еден на друг. Росица не молчела! Росица пријавувале секогаш кога стравувала за својот живот, а нејзиниот живот и животот на нејзиниот татко згаснаа. Каква порака е оваа за сите други жени кои собираат храброст да пријават дека трпат насилство, закани, демнеење, дека животот не им е спокоен? Која би била вистинската адреса за нив, ги прашуваме институциите. Или треба да молчат?, прашаа од СДСМ на прес-конференција.