
ВИДЕО | Раде Шербеџија ги поддржа српските студенти: „Ова е ваше време и имате право да создадете подобра иднина за вас“
Актерот, режисерот и музичарот Раде Шербеџија им даде поддршка на младите кои протестираат во Србија и бараат правда за загинатите во падот на покривот во Нови Сад.
Препорачано
„По овие протести на тишина, вашиот протест, драги деца, јас сите мои концерти ги започнувам со молк. Ги започнувам со реченицата на Крлежа, која ја напиша по студентската револуција во 1968 година: ‘Да се молчи, да се измолчи, да се намолчи до ситост, да се измолчиме до грло, преку глава, секако според околностите. Може да се молчи од инает, а многу често и од немоќ: најчесто долго, глувонема состојба на духот, занемена запрепастеност, кога на човекот му застанува умот. Да се верува или да не се верува во силата на човечкиот доказ, да се посомнева во тоа, да се скрши перото како копје, да се остане духовен инвалид‘, се зборовите на Крлежа.
Јас, деца, молчам заедно со вас, молчам затоа што ве поддржувам во тоа. Ова е ваше време и имате право да создадете некоја подобра иднина што ви припаѓа. Немам што друго да ви кажам освен да ве поддржам од сѐ срце. Не само јас, туку сите нормални луѓе. Не се предавај, моја младост, не се предавај во овие години“, порача Шербеџија во објавеното видео на Инстаграм.
Во описот кратко напиша: „Младите заслужуваат подобра иднина – поддршка“.