
ВИДЕО | Пастор Филип Иванов: За првпат во живот се сретнав со искрена и нелицемерна благодарност, Африка ме научи да го сакам животот со сите недостатоци
Филип Иванов е инспиративен пастор од Еванглеската Црква во Велес, кој води поинаков животен стил од повеќето негови колеги. Тој е постојано активен на социјалните мрежи, а таму може да се види како често кампува, вози велосипед, но и како ги искачува планините низ Македонија.
Препорачано
За „Утрински печат“ тој зборуваше за животот, духовноста, анегдотите од мисијата во Африка, но и за милосрдната дејност на црквата.
– Виртуелниот свет е дел од реалноста, па затоа и често ги корситиме социјалните мрежи за споделување на нашите активности во секојдневието. Ако некогаш верниците се собирале на плоштадите и разговарале за Бог и религијата, денес тоа најчесто се прави преку мас-медиумите. Што се однесува до мојот животен стил, би сакал да кажам дека секој човек вистински здрав мора да му го даде на духот тоа што му треба на духот, на душата она што ѝ треба на душата, и на телото она што му треба на телото. Дел од таа грижа за телото јас ја остварувам со трчање, планински велосипедизам, планинарење, кампување“, изјави Филип.
Да се биде пастор значи да се биде духовен водач на народот Божји, да се подаде рака за помош и поддршка на секој што поминува низ маки и проблеми во неговиот живот.
– Многу луѓе се имаат изненадено откако побарале помош од мене, бидејќи јас секогаш инсистирам духовното решение заедно да го побараме преку патување во природа. Едноставно е … излезете од затворената и темна соба, а потоа одете во природа, таму ќе го видите и сонцето и светлината!, изјави тој.
Според Иванов, патувањето во Африка ве учи дека животот може да биде многу едноставен, но и убав со сите недостатоци. Сепак, се’ зависи од индивидуалната перцепција.
– Без оглед на сите недостатоци, дечињата во Африка имаат по правилен раст и развој од младите генерации во нашата „цивилизирана“ Европа. Мојот петгодишен син се уште нема мобилен телефон, во овој период од неговиот живот се обидувам да го запознаам со сите убавини на природата, па постојано заедно планинариме и кампуваме. Токму и поради ова, многу луѓе гледаат на мене како да нешто му имам одземено, а не како дека нешто повеќе му имам дадено. Се зависи од нашата перцепција, но не треба да заборавиме дека е природно да и се вратиме на природата, а не да се потчиниме на виртуелниот свет, потенцираше тој.
Пастор Иванов често оди на мисија во Африка, помагајќи им на дечињата, болните и најбедните.
– Првото патување во Уганда ми помогна за првпат во живот да се сретнам со искрена и нелицемерна благодарност. Со нивниот едноставен пристап кон животот ја неутрализираат анксиозноста, модерна болест која е најбрзо растечка во овој 21-век. Кога зборуваме за милосрдие, нешто специфично е мојата служба во Африка, каде што во последниве десет години одам да служам и од Македонија помагаме сиропиталиште со стотина дечиња, а исто така помагаме во изградбата и одржувањето на училиште со три стотини дечиња во „џунглата“ во Уганда. Јас се шокирав од желбите на тамошните дечиња, за следното патување во Уганда тие ми побараа школски прибор … очигледно ја имаат разбрано моќта на образованието!, изјави Иванов.
Целото интервју со пастор Филип Иванов можете да го проследите на следното видео: