
ВИДЕО| Непал ја укина забраната за интернет по протестите во кои загинаа 19 лица
Владата на Непал ја укина забраната за социјалните медиуми што предизвика насилни протести низ целата земја во кои загинаа 19 лица, а повеќе од 100 беа повредени, соопштија официјални лица.
Забраната за пристап до социјалните мрежи беше укината преку ноќ, а апликациите повторно станаа достапни за корисниците во Непал, објави денес Ројтерс.
Препорачано
Владата објави исплата на помош на семејствата на загинатите и бесплатен третман на повредените, како и формирање на посебна комисија која ќе ги утврди причините за протестот во рок од 15 дена, ќе ја процени штетата и ќе предложи мерки за спречување на слични настани во иднина.
Демонстрантите денес објавија дека ќе се одржат комеморации во спомен на загинатите, додека властите како одговор воведоа полициски час во Катманду и забрана за сите јавни собири, протести и состаноци.
Организаторите на протестот, кој го нарекоа „демонстрации на генерацијата Z“, истакнаа дека младите се исто така незадоволни од, како што велат, неуспехот на владата да се бори против корупцијата и да ги подобри економските услови.
❗️Nepal Home Minister QUITS As Death Toll From Gen Z Social Media Ban Protest Rises To 19; 347 Injured https://t.co/HMgV8g440V pic.twitter.com/D2NdnJei5I
— RT_India (@RT_India_news) September 8, 2025
Немирите избувнаа откако властите го блокираа пристапот до неколку социјални мрежи кои не успеаја да го исполнат рокот за регистрација кај државните органи.
При воведувањето на забраната минатата недела, владата рече дека тоа е обид да се ограничи злоупотребата на платформите каде што корисниците со лажни идентитети шират омраза, дезинформации, вршат сајбер криминал и ја нарушуваат општествената хармонија.
Протестите, во кои учествуваа голем број млади луѓе, вклучувајќи ученици и студенти во училишни униформи, започнаа во Катманду, а потоа се проширија во други градови.
Според извештаите, полицијата употребила водни топови, палки и гумени куршуми за да ја растера толпата.
Службениците во Катманду рекоа дека некои демонстранти насилно влегле во парламентарниот комплекс, запалиле амбулантно возило и пукале кон безбедносните сили, што предизвикало распоредување на војската.
Демонстрантите, од своја страна, тврдеа дека биле невооружени и дека безбедносните сили пукале случајно.