
ВИДЕО | Масовен протест вечерва во Нови Сад – студентите порачаа: Насилството не е наш начин на борба
Вечерашниот протест под слоганот „Србијо, дали се слушаме?“ се одржува со масовно присуство, а претходно студентите упатија апел до граѓаните да не подлегнуваат на дезинформации на социјалните мрежи, туку да ги следат официјалните студентски профили за точни информации.
Во Нови Сад се одржува протест, а студентите повикаа на блокада, како причина наведувајќи ги нарушувањето на автономијата на универзитетот и прекумерната употреба на сила од страна на полицијата за време на протестите изминатите денови пред Филозофскиот факултет и Факултетот за спорт и физичко воспитување (ДИФ), објави српски Јуроњуз.
Препорачано
Протестите претходните денови беа организирани со образложение дека на Филозофски и на ДИФ, по повеќемесечна физичка блокада, влегле деканите, а учесниците на тие собири повеќепати нападнале припадници на полицијата, според некои српски медиуми.
Вечерашниот протест под слоганот „Србијо, дали се слушаме?“ (Србијо, да ли се чујемо?) се одржува покрај студентскиот камп кој е блиску до ДИФ.
Крстосницата е блокирана, а сообраќајната полиција го пренасочува сообраќајот кон други улици.
Пред ДИФ се распоредени припадници на полицијата со опрема за растерување демонстрации.
„Полицијата да го напушти кампусот по завршувањето на програмата“
Импровизирана бина е поставена пред Технолошкиот факултет, а организаторите наведоа дека по завршувањето на програмата од протестот „очекуваат полицијата да го напушти кампусот“.
Протестот го поддржаа и дел од опозициските партии – Народен покрет Србије и Покрет обнове Краљевине Србије, а собири се одржуваат и во неколку други градови – Ниш, Прокупље, Чачак и Ужице.
Како што јавува Јуроњуз Србија, на протестот присуствуваат и бајкери, а видеата на социјалните мрежи покажуваат голем одѕив на демонстранти.
SRBIJO, DA LI SE ČUJEMO❔️
NOVI SAD PUMPA ZA TVOJU SLOBODU❣️⛽️✊🏻 pic.twitter.com/P6A50GTfxb
— 𝓐𝓝𝓨𝓐 ~ God’s Whip (@AnjaBG96) September 5, 2025
Деканатот на Филозофскиот факултет соопшти дека од денес попладне зградата на факултетот е технички и санитарно-хигиенски подготвена за одржување испити и други активности и наведе дека очекува полицијата да ја напушти зградата во текот на викендот. Во соопштението, објавено на веб-страницата на факултетот, се апелира вечерниот собир да помине мирно и достоинствено.
„Факултетот целосно да биде отворен в понеделник“
Деканот на Филозофски, Миливој Алановиќ, претходно денеска изјави дека очекува факултетот да биде целосно отворен в понеделник, кога е планиран почетокот на испитната сесија. Тој укажа дека автономијата на универзитетот дијаметрално различно се толкува во јавноста, но дека законот јасно предвидува две можности за присуство на полицијата – ако деканот процени дека е загрозена безбедноста на оние што се во зградата или доколку таква безбедносна проценка направат државните органи.
Пред Филозофскиот факултет и ДИФ минатата и оваа недела протестираше група студенти во блокада и граѓани што ги поддржуваат, откако деканите Алановиќ и Патрик Дрид влегоа во факултетите. Тие наведоа дека влегле за да ги подготват објектите за испитната сесија и оттогаш полицијата, на нивна покана, ги обезбедува зградите на овие образовни институции.
„Насилството не е наш начин на борба“
Студентите апелираат до граѓаните да не им веруваат на дезинформациите на социјалните мрежи и по групи, туку да ги следат студентските профили за сите информации, објави Н1.
„Насилството никогаш не било наш начин на борба, мораме да испратиме слика за Србија каква што треба да биде. Државата е онаква какви што се нејзините граѓани. Ве молиме да внимавате на вашата и на безбедноста на сите присутни на собирот, зашто за нас луѓето се важни, за разлика од нив. Благодарност до сите граѓани кои ни помогнаа со донации. Апелираме и до органите на редот да се држат до пропишаните закони и да постапуваат според нив, а не по наредба на една партија“, нагласија студентите.
Во пренос во живо од протестот, еден од демонстрантите кажа дека му е доста од полициското насилство.
„Живеам за тој ден. Живеам за да ги гледам луѓето насмеани. Доста ми е од тоа мој човек, мој полицаец, луѓето коишто ги плаќаме да нѐ тепаат… Ова е сѐ освен држава“, рече тој.
Čekam taj dan da opet vidim ljude nasmejane pic.twitter.com/VIk5efMEZn
— Bez Cenzure (@Bcenzure) September 5, 2025