
ВИДЕО | Костовски и на овие избори најавува изградба на Поликлиника во Бутел
Градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски и министерот за здравство Азир Алиу денеска најавија дека е започната постапката за тендерирање за изградба на новата модерна поликлиника. Како што рекоа, се работи за голем проект кој ќе ги трансформира здравствените услуги за жителите на оваа општина. Според најавата, за два месеци ќе биде поставен камен-темелник, а ќе биде изградена за 18 месеци.
Препорачано
Немало законски пречки за распишување на тендерот, со оглед дека е започна изборната кампања, бидејќи како што рече Костовски, поликлиниката е предвидена во програмата за работа многу време пред изборите.
Поликлиниката ќе се гради на местото на амбулантата до општинската зграда, која минатата власт ја смести во пластични контејнери. Станува збор за модерна поликлиника, која ќе се простира на приближно 1.500 квадратни метри и граѓаните на општина Бутел ќе бидат опслужени и во однос на примарното и во однос на секундарното здравство.
„Бидејќи ќе се гради на местото на старата амбуланта, модуларната, која е веднаш до Општина Бутел, матичните лекари, кои во моментот работат таму, ќе бидат дислоцирани во зградата на поранешниот дом ‘25 Мај’ во соодветни квалитетни услови. Таа зграда има свој паркинг и е во срцето на општина Бутел, ќе биде пристапно за сите граѓани“, рече Костовски.
За изградба на поликлиниката се обезбедени 117 милиони денари, од кои 90 отсто се од Министерството за здравство, а 10 отсто од Општина Бутел.
Министерот за здравство Азир Алиу рече дека поликлинката во Бутел е пример за соработка на централата со локалната власт и најави дека за поликлиниката и покрај јасниот недостиг на кадар во јавните здравствени установи, тој ќе обезбеди доволно лекари и медицински сестри.
Ова не е првпат да се најавува изградба на Поликлиника во Бутел. И на минатите избори, градоначалникот Костовски предизборно ветуваше изградба на модерна Поликлиника.