
ВИДЕО | Капка по капка се прелеа чашата од незадоволство на медицинските сестри: Азир Алиу не ги викнал на јавна расправа за Законот што му го напишале
Медицинските сестри му се налутија на министерот за здравство Азир Алиу зашто вчера кога свикал јавна расправа за да се синхронизираат 12 Закони од областа на здравството а и за да промовира носење нови здравствени закони – ги заборавил нив и протоколарно за пред камери викнал медицински сестри што со години се во пензија. Уште поголемо е незадоволството од тоа што токму медицинските сестри од Унијата на здруженијата на медицински сестри, акушерки и стоматолошки сестри предводени од „За нас“ биле тие што на Алиу му го напишале и му го испратиле предлог-законот за медицински сестри и акушерки, а потоа не беа повикани во работната група да го дискутираат истиот.
Препорачано
Долгогодишната медицинска сестра Гордана Бешлиовска денеска пред Министерството за здравство каде што имаше средба со Алиу на која го изразила незадоволството од ваквиот потег, рече дека на сестрите местото им е таму каде што се носат законите кои ги засегаат нив.
Меѓу бројните проблеми на медицинските сестри е тоа што со децении ниту еден министер за здравство нема слух за тоа дека нивните права, обврски, начин на образование и кариерно напредување и усовршување – треба да влезат во посебен Закон за медицински сестри. Ова според Бешлиовска е неопходно не само поради правата, туку и поради обврските но и поради тоа што Македонија треба да ги следи европските директиви при процесот на пристапување во Европската Унија каде медицинските сестри не само што имаат закони, туку имаат и лиценци и факсимили, имаат автономија и јасно дефинирани надлежности, што во земјава не е случај и доведува до огромна поларизација на партиска и национална основа во болниците. Бешлиовска на прес-конференцијата пред Министерството за здравство зборуваше за тоа дека Министерството за здравство има игнорантски и протоколарен однос кон оваа важна и неопходна алка во здравството – медицинските сестри. Дури и кога неодамна бил организиран меѓународен конгрес во Струга на кој присуствувале 600 медицински сестри од 13 држави никој од Министерството за здравство не се појавил.
-Навистина е историја, ние сме единствената земја во регионот во која сестрите не се озаконети. Кога немате Закон немате лиценца. Кога немате лиценца немате одговорност и немате врз основа на што да одговарате. Тоа е многу сериозно нешто. Немате процес во кој се образувате, не ја следите Европската директива. Што ќе биде кога ќе се отворат поглавјата за влез во ЕУ за здравството? Ние немаме ниту една дефиниција по основ на Европската директива за образование каде што се признаените професии. А една од седумте е професијата на медицинските сестри. Знаете тоа колку е значајно? Ќе бидам многу јасна и експлицитна – комодитетот да не се донесе Законот за медицинските сестри се црпи од тоа дека и докторите немале закон. Но, докторите имаат Закон за здравствена заштита каде се опишани по сите основи. А сестрите се опишани само во 2-3 члена и тоа најнедостоинствено. Веднаш се потребни или дополнувања на Законот за здравствена заштита или Законот за сестринството мора да се донесе без разлика дали оној за лекарите е донесен или не, изјави медицинската сестра Бешлиовска.
Таа праша како може лекарите да работат во тимови со сестри кои немаат лиценци и побара веднаш да им биде овозможено да учествуваат во процесите каде што се носат одлуките за нивната професија. Разочарувањето на оваа гранка е огромно и зашто не се вклучени во важните тела – нема ниту една медицинска сестра во Здравствениот совет на министерот ниту во Комисијата за спречување и заштита од заразни болести.
Како може? Медицинските сестри веќе се специјалисти во своите области. Ние сакаме да проектираме „европска медицинска сестра“ а во Европа сестрите имаат клинички нивоа каде препишуваат терапија и имаат свои факсимили. Тоа таму не го прават за нечие лично задоволство туку за вредноста што ќе ја добијат пациентите. Кој е тој пациент што не сака да го лекува високообразована сестра? Кој пациент сака да кружи околу него сестра која му вели „јас имам високо образование ама ме плаќаат како да имам средно образование“? Му е гајле на пациентот, тој сака нега и да си ги исполните работните задачи. И не може една сестра 10 пациенти да ги нахрани и да ги услужи, кога треба три сестри да се околу пациентите во елективните одделенија. И не може во интензивните неги наместо една сестра да работи со еден пациент таа да работи со 6-7 пациенти. Па прегореа сестрите! – изјави Бешлиовска.
Фактот што Унијата на здруженија на медицински сестри бара со Закон да се регулираат сите прашања околу нивната работа, според Бешлиовска не е само поради правата туку и поради обврските.
И сестрите имаат свои недостатоци. Законот не го бараме само за признавање, го бараме и за законските рамки кои ќе казнуваат. Можете ли да ја земете на одговорност сестрата од Онкологија за грешките? Не, па таа нема лиценца. По кој основ ќе одговара кога нема лиценца? Знаете кога немате лиценца, никаде не пишува што треба да направите. Зошто јас една трансфузија на крв да дадам во болница ако мене законски никој не ме обврзува? Што ќе се случи ако таа трансфузија на крв направи проблем и го изгубиме пациентот? Каде пишува кој тоа го дава? Неопходно е да има Закон, децидна е Бешлиовска.
Таа ја критикуваше одлуката на Фондот за здравство да дозволи во руралните амбуланти поради недостиг на медицински сестри, да работи само доктор во ординациите, поради тоа што сестрите не се само помошници туку имаат превентивна улога во спречувањето на состојбите во здравството кои подоцна чинат многу пари за лекување.
Не сте вие таму некоја извршна помошна професија. Треба да има едукација за сестрите за дигитализацијата. Треба превенција. Знаете ли дека кога превенирате еден грам, тогаш спасувате од еден тон лекување? Затоа силно реагиравме кога од руралните амбуланти од тимовите беа извадени медицинските сестри и амбулантите останаа само со доктор. Една Словенија има 7 илјади сестри кои работат само на превенција на здравјето и затоа помалку лекуваат. Самостојно работат медицинските сестри на превенцијата, без лекари. А ние овде имаме амбуланти со лекари без медицински сестри. А законот кажува дека амбулантата треба да има инвентар, доктор и медицинска сестра. Доживуваме деградација по сите основи и тоа доведува до деморализација и имаме сестри што си заминуваат после 30 години од сопствената професија. Тоа е парадокс. Не се создаваат сестрите преку ноќ. Еден анестетичар треба да го обучувате повеќе од година дена и 2 години да добие самодоверба да работи сам. Сите еден ден ќе бидеме пациенти. Мора стратешки да размислуваме. Инвестицијата во медицинските сестри е инвестиција во здрава нација. Или така ќе размислуваме и ќе не разберат, или ништо нема да не разберат, рече Бешлиовска.
Исто така, Законот за медицински сестри рече таа е потребен за образованието.
-До кога ќе ги држиме сестрите во болниците во една „скарана“ ситуација? Поделени на сестри со средно, со високо образование, политички, национални поделби и реторики – срамота. Пациентите не го заслужуваат тоа по ниеден основ. Мора да направиме комплетен ресет и кај медицинските сестри, за нивното однесување и начинот на кој се однесуваат. Меѓутоа тие се сега во една таква зона каде нема Закон и секоја на свој начин си ги решава работите. И така настанува дегутантната ситуација и резигнацијата по болниците по сите основи. Личните доходи се на трето место. Треба да сакате да одите на работа да имате здрава работна околина, треба да бидете тимски играчи но и да носите одлуки и да имате автономија, потенцираше таа.
Очигледниот револт на сестрите од Унијата истакна Бешлиовска, не значи дека ќе ги остават пациентите во болниците без нега, но значи дека повеќе нема да дозволат ваква маргинализација. Таа истакна дека ќе вршат меѓународен притисок и ќе ги повикаат на помош пациентите од организациите со кои се вмрежени.
– Ние секој ден им помагаме, тие сега ни се потребни нас да ни помогнат. Ова е преседан кој не може да го надминеме. Да не бидеме во процес на сопствен Закон, да не бидеме викнати на јавна расправа, да не застапуваат формални луѓе заминати во пензија со години на кои баш им е гајле – на први им легнува пензијата. А сестрите да гинат внатре во болниците. Доста е веќе од лични, користољубиви, наметнати причини ова да се случува. Никогаш нема да отстапам од мисијата и стратегијата за медицинските сестри. Или еднаш ќе се поместиме од мртва точка или меѓународниот свет ќе не разбере дека едноставно има земја каде што медицинските сестри имаат толку големо недостоинство, истакна Бешлиовска.
Министерството за здравство по прес-конференцијата испрати соопштение за јавноста во кое се истакнува дека „ја почитува улогата и професионалниот придонес на медицинските сестри во здравствениот систем“.
-Најнапред, во однос на вчерашната јавна дискусија, ја информираме јавноста дека станува збор за еден од повеќето чекори во тековниот процес на системско усогласување на 12 закони во здравството. Процесот е етапен, континуиран и максимално инклузивен, со вклучување на стручни здруженија, институции од системот, комори и меѓународни партнери. Министерот за здравство, Азир Алиу, денес ги прими претставниците на Унијата на медицински сестри ЗМСТАС „За нас” и ги сослуша нивните ставови. На средбата јасно беше истакнато дека процесот за усогласување на 12-те закони не е затворен ниту финализиран, туку продолжува по етапи, со можност стручните забелешки да се вградат пред влегување во собраниска процедура. Министерот апелираше процесот да не се политизира, туку да остане во рамки на професионален дијалог и аргументирани предлози, во интерес на пациентите и целокупниот здравствен систем, велат од Министерството.
На средбата министерот Азир Алиу истакнал дека ја препознава реалноста дека сестринската професија со децении била потценета и маргинализирана во системот — и токму затоа тековните реформи имаат цел системски да ја унапредат нејзината позиција, статус и глас во креирањето политики.
Воедно потенцираме дека процесот на усогласување на пакетот од 12 закони е во тек и не е завршен. Тој ќе продолжи инклузивно и отворено, а секоја заинтересирана страна ќе има можност да даде свој придонес сè до моментот кога законските решенија ќе влезат во собраниска процедура и ќе бидат разгледувани и изгласани од пратениците, се додава во соопштението од Министерството за здравство.