Фото: Слободен печат

ВИДЕО | Јанг Дади: Кај нас има уникатни и специфични хип-хоп артисти

Давид Даниловски или познат на музчката сцена како Јанг Дади е еден од најпопуларните хип-хоп артисти кај нас, кој во својата музика дава посебен младешки печат, близок на неговата генерација, гладна за нова и свежа музика.

Дади многу внимателно и прецизно го прави тоа за своите фанови, успевајќи да отвори теми кои ги засегаат и кои влијаат на нивното секојдневие. За „Утрински печат“, тој зборуваше за неговите досегашни успеси, проекти и настапи кои го очекуваат во следниот период и секако за своите ставови во врска со македноската хип-хоп сцена и култура.

„Мојот прв албум се вика „Скорпиус“ и е поделен на два дела, од кои излезен е само првиот, составен од 5 песни. Вториот дел од албумот ќе биде објавен оваа година во октомври и во тој дел има малку помрачни и емотивни песни, додека првиот дел е повеќе за во лето и за клубови. Инспирација црпам од секојдневниот живот, иако најчесто се инспирирам од самиот инструментал на песната, кој ми буди некоја емоција во мене, затоа, текстовите секогаш ги пишувам на лице место. Седнувам и морам веднаш да го напишам текстот, и сите песни кои така сум ги напишал, добро поминале кај публиката “, изјави за „Утрински печат“ Дади.

Како артист кој се обраќа првично на младата публика, Дади е свесен за своето влијание и пораки кои ги испраќа преку своите песни.

„Мислам дека ние артистите влијаеме многу врз публиката која нѐ прати, особено кај тинејџерите на кои им се достапни многу информации. Затоа треба да сме многу претпазливи какви пораки испраќаме. Јас внимавам секогаш да сум културен, да нема вулгарности во моите текстови, да бидам уникатен и да погодам некоја тема која ја живееме ние младите. Не гледам што направил некој друг, бидејќи во музиката, ако некој успеал на некој начин, не значи дека истото ќе функционира и кај друг“, вели Дади.

Покрај нашите домашни хип-хоп артисти, младите тука слушаат и музика од регионот. Иако српскиот пазар е многу поголем, следствено тие имаат и поголема продукција, сепак Дади мисли дека нашите хип-хопери одат во чекор со српската сцена, па дури и понапред.

„Кај нас има уникатни и специфични артисти. Најголемата разлика помеѓу нашите и српските артисти, е тоа што тие имаат можеби подобра музичка индустрија, а кај нас, ние артистите, треба сѐ сами да превземеме во свои раце, но подготвени сме да се бориме и да ги стигнеме и на тоа поле“ објаснува Јанг Дади.

Од големо значење за неговата кариера, но и за нашата хип-хоп сцена и култура воопшто е неговиот настап на годинешното издание на регионалниот фестивал „Егзит“, кој го очекува следниов период.

„Оваа година ќе настапам на ‘Егзит’ и многу ми е драго за тоа, бидејќи до сега, таму сум бил само како дел од публиката. Подготвен сум да ја претставам мојата свежина и новата музика, а потоа имам и доста настапи низ нашата државa“, вели Дади.

Повеќе од разговорот со Јанг Дади можете да погледнете на следниот линк:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот