
ВИДЕО | Историски дебакл, Јунајтед понижен на „Енфилд“: „Седмица“ во голот на Де Геа!
Тен Хаг и Манчестер Јунајтед беа во одлична серија на резултати, додека Ливерпул се мачеше со резултатите, па во денешното дерби на „Енфилд“ „ѓаволите“ важеа и за благ фаворит. Сепак, по кој знае кој пат се покажа дека во дерби натпреварите нема фаворит – Јунајтед беше потопен убедливи 7:0.
Препорачано
Ливерпул доминираше и по подолго време одигра натпревар како што чекаа навивачите. За болката кај навивачите на Јунајтед да биде поголема, еден од најдобрите на теренот беше Коди Гакпо кој во зимскиот преоден рок беше блиску да премине на „Олд Трафорд“.
Резултатот беше отворен во 43-тата минута кога Гакпо одлично се ослободи од својот чувар, шутираше и го матираше Де Геа. Само што започна второто полувреме почнаа да се редат шанси пред голот на Де Геа и во следните пет минути видовме два гола.
Дарвин Нуњез погоди во 47-та, а три минути подоцна Гакпо го постигна својот втор гол на натпреварот. Салах се запиша во листата на стрелци во 66-тата минута, за десет минути подоцна и Нуњез вторпат да погоди. Не застана тука Ливерпул, Салах на шест минути пред истекот на регуларните 90 минути го постигна својот втор гол со кој стана најдобриот стрелец на Ливерпул во Премиер лигата. Во самата завршница Фирмино ги постави конечните и може да се каже историски – 7:0!
Ливерпул со овој триумф го прескокна Њукасл и со 42 бода е петти на табелата, Њукасл има бод помалку, но и натпревар помалку. Се доближи Ливерпул и до Тотенхем во топ четири и сега има три бода помалку со натпревар помалку. Јунајтед од друга страна е трет со 49 бода.