
ВИДЕО | ИРЛ: Братот на претседателката на Кривичниот суд е инспектор на УЈП од Кочани кој куртулил од обвинение за „Пулс“
Полициски инспектори и началници биле редовни гости во импровизираната дискотека која работела без дозвола
Братот на претседателката на скопскиот Кривичен суд Даниела Димовска бил во постојан контакт со синот на газдата на изгорената импровизирана дискотека „Пулс“ во Кочани, во која во пожар на 16 март годинава загинаа 62-ца млади луѓе, а околу 200 беа повредени, објави Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) во новиот документарен филм за случајот.
Препорачано
Во филмот се прикажани пораки меѓу инспектори од Државниот пазарен инспекторат, од полицијата и од УЈП со синот на газдата Дејан Јованов-Деко, Михајло, кои на ИРЛ ѝ ги доставил „свиркач“. Од нив, според ИРЛ, меѓу другото се гледа дека Јованов ги потмитувал инспекторите со подароци, а тие му јавувале пред да дојдат во инспекција во „Пулс“. Полициски инспектори, пак, како што се гледа од пораките, биле редовни гости во „дискотеката“ која работела целосно надвор од законските прописи.
Судијката Димовска, иако беше единаесетта на листата според бодовите, на 3 јули беше избрана за претседателка на Кривичниот суд во Скопје. Петнаесет дена подоцна, на 18 јули, Кривичниот суд го доби предметот за дискотеката „Пулс“.
Но, во обвинението нема ниту еден инспектор од УЈП во Кочани, а во него не е ниту братот на судијката Димовска, инспекторот Драган Паунов.
Димовска инаку, своевремено бараше да биде изземена од судењето во случајот „Титаник“ и „Талир“ против поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ, со образложение дека се познава со дел од обвинетите. Таа своевремено била вработена во Собранието на Република Македонија како асистент на неколкумина пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, се вели во документарниот филм на ИРЛ, „Кочани – нашиот морален компромис“.
Филмот ја осветлува и поврзаноста помеѓу начинот на кој е изработено обвинението за случајот со изгорената дискотека и измените на Кривичниот законик со кои се намалија казните за функционерите кои прават злоупотреби.