
ВИДЕО ИНТЕРВЈУ со Тони Димков: „Културен печат“ им дава простор на уметниците и артистите, го отсликува севкупниот културен амбиент
Во утрешното издание на весникот „Слободен печат“ ќе излезе 150-тиот број на популарниот прилог „Културен печат“.
Препорачано
Првиот број на „Културен печат“, како неделен прилог за култура, е објавен во викенд-двобројот на дневниот весник „Слободен печат“ на 19-20 октомври 2019 година. Излегувањето на бројот 150 на „Културен печат“ укажува на континуитетот во следењето на културната и на уметничката сцена, но и на стратешката определба на менаџментот и редакцијата на весникот „Слободен печат“ да посвети значаен простор на информирањето за културата и уметноста.
По тој повод разговаравме со уредникот Тони Димков, автор на книгата „Културен печат – интервјуа и разговори“ која заедно со фан-страницата „Културен печат“ ќе биде промовирана на 15 октомври, со почеток во 13 часот, во Филхармонија Кафе Бар.
Во содржината на книгата „Културен печат – интервјуа и разговори“ се поместени 28 интервјуа и разговори со автори, творци и мислители со различни интеркултурни, интелектуални и етнички припадности, што беа објавени во првите 30 изданија на „Културен печат“. Промотор на книгата ќе биде проф. д-р Небојша Вилиќ.
Книгата е објавена во издание на „Магор“ со финансиска поддршка на Министерството за култура на Република Северна Македонија со Годишната програма за проекти од национален интерес во 2021 година.
Димков е автор е на две книги од областа на публицистиката: „Зборот остава траги“ (2016) и „Кантар со метафори“ (2017), двете во издание на издавачката куќа „Магор“ од Скопје.
Промоцијата на фан-страницата „Културен печат“ е со намера содржините на неделниот прилог за култура во „Слободен печат“ да станат подостапни за читателите, но и да се отвори можност за подиректна взаемна комуникација.