Васе Неданоски - претседател на синдикална организација на УЈП Солидарност / Фото: ,,Слободен печат'' / Драган Митрески

ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Неданоски: Ако не се исполни барањето за зголемување на платата, вработените во УЈП ќе штрајкуваат

Синдикална организација на УЈП е формирана кон крајот на 2021 година, има околу 500 членови и е членка на нов гранков синдикат Солидарност. За утре Синдикатот организира прекин на работата со барање да се зголемат платите во УЈП, а потоа ќе следува и штрајк ако не се исполната нивните барања.

-Поводот и причините за да се организираат вработените во синдикално здружување доаѓа како резултат на измените на Законот за работни односи направени во 2012 година. Тогаш беше нарушено нивото на синдикалните организации и сведоци сме за актуелните состојби во синдикалните организации каде што констатираме нарушување на силата на синдикатот. Како синдикална организација Солидарност се грижиме за правата на вработените во УЈП, а согласно Статутот на Синдикатот Солидарност колку што е можно, според закон, е вратена автономијата на работење на синдикалните организации. Во УЈП има неколку синдикални организации, а единствена синдикална организација на ниво на работодавач е организацијата Солидарност, која ја претставувам. Ова го изјави Васе Неданоски, претседател на синдикалната организација во УЈП Солидарност во емисијата Утрински печат на Слободна ТВ.

Позицијата на Синдикатот како репрезентативен е клучен фактор во односите со надлежните државни органи при барањето на задоволување на правата на работниците, како што е зголемување на платата и други права.

-Согласно Законот за работни односи се утврдени правилата околу добивање или стекнување статус репрезентативен синдикат, како на сојуз и на ниво на гранка на работодавач. Во делот на работодавач, репрезентативен е оној Синдикат што има најмалку 20% членови од вкупниот број вработени, а ние имаме над 50% членови од вработените во УЈП и за државните органи сме единствен репрезентативен синдикат, изјави претседателот на синдикатот Солидарност Васе Неданоски.

Прекинот на работа што е најавен за утре, според синдикатот ако не бидат исполнети барањата ја доведуваат во прашање работата на Управата за јавни приходи и сериозно се нарушува воспоставената функционалност на институцијата. Нивните барања се доставени до работодавачот и целосно се убедени во оправданоста. Како за покачување на платата, така и за начинот да се дојде до нејзиното зголемување.

-Како раководство на синдикална организација, континуирано спроведуваме активности за барање на права, укажување, предочување на состојби и давање предлози за можни решенија. Едно од таквите барања беше барањето за отпочнување на проекциите за буџетот на Р.С. Македонија, односно на крајот на август 2022 година поднесовме легитимно барање, аргументирано за зголемување на платата на вработените во УЈП до Министерството за финансии и до работодавачот. УЈП е засебно правно лице во составот на Министерството за финансии и согласно буџетски импликации се неопходни согласности од Министерството за финансии и затоа треба да бидат вклучени. Дополнително беше донесена содржина на член 66 од Законот за буџет, каде што беше утврдено право на зголемување на платите за 30% на вработените во определени институции што се во состав на Министерството за финансии. Имајќи ги во предвид моменталниот начинот на утврдување на платата што е во примена во УЈП, како вработени и како раководство на синдикалната организација сметаме дека истото право треба да го добиеме затоа што не опфаќа и според автентичното толкување од Собранието на Северна Македонија. Според законот и толкување легитимно е барањето и правото за зголемување на платата на вработените во УЈП според направената постапка за вработените во Министерството за финансии,- смета Неданоски.

Во овој период често се случува вработените од повеќе државни институции да бараат зголемување на платата зашто како причина може да бидат наведени куповната моќ, кризата или други економски параметри што директно влијаат на опаѓање на стандардот и квалитетот на живот на вработените.

-Вработените во УЈП при реализација на своите права имаат политика на соработка и барање заеднички решенија во интерес на двете страни, од една страна и покажуваат високо ниво на разбирање за реалната општествена состојба денес во која се наоѓа државата, од друга страна. Во УЈП во последните 14 години имаме добиено само една корекција на платата во висина од 5%, а во последните 5 години платата на вработените во УЈП не се воопшто ни коригирани за процент. Нашето сегашно барање е на ниво на конкретен процент бидејќи е законска основа и изнесува 30%. Станува збор за вработени што со децении ја покажуваат својата висока општествена одговорност, како што е организирање донаторски, хуманитарни и крводарителски акции и сл. Поддржуваме институции што помагаат ранливи категории од нашите вработени и мислам дека сме единствена институција чии вработени донираа доброволно од платата сопствени средства во фондот за борба против вирусот во време на пандемијата со ковид. Сметам дека треба да се запрашаме, ако дојде до ова покачување на платата навистина ли е зголемување или доаѓање до состојби што сме ги имале претходно како висина на плата и квалитет на живот,- изјави претседателот на синдикатот Солидарност Васе Неданоски

Колективниот договор е основата врз која се остваруваат правата на работниците и синдикатот по преговорите со работниот тим на УЈП постигнуваат текст со кој двете страни се согласни.

-Во овој момент е изработен текст на нов Колективен договор на УЈП и е дадена согласност од работодавачот и преговарачкиот тим на синдикатот Солидарност. Според законот имаше овластена преговарачка група од Синдикатот и работодавачот формира работно тело и заедно работевме на текстот на Колективниот договор. Во овој момент двете страни се согласни со содржината на текстот на Колективниот договор. Ако не се прифати барањето вработените во УЈП се спремни да ги употребат сите легални механизми во согласност со законот да спроведуваме активности се додека не се реализира ова право што вклучува и штрајк, истакна Неданоски.

Целиот разговор со Васе Неданоски од синдикатот Солидарност во УЈП погледнете го во видеото:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот