
ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Глигор Бишев: Расте одливот на работна сила, но и недостатокот од неа на светско ниво
Денешната криза со која се соочуваме е криза на зголемена побарувачка и инфлација, чие соборување бара повисоки каматни стапки, помало фискално трошење, а секогаш кога се троши помалку, значи дека и побарувачката за стоки и услуги се намалува, а тоа значи и извесно успорување на светската економија и со висока веројатност да биде произведена и рецесија, вели за „Утрински печат“, Глигор Бишев, банкар и актуелен надворешен советник на канцеларијата на премиерот Димитар Ковачевски, коментирајќи ја рефлексијата врз економиите и стопанството во ЕУ и регионот од руско-украинската војна.
Препорачано
„Рецесијата ќе биде произведена во најголем дел како резултат на мерките на соборување на инфлациите. И централните банки и фискалната политика не ги креваат тие одеднаш не ги креваат каматните стапки, тие постепено го прават тоа, за да се доведе економијата во нова рамнотежа и со обид соборувањето на инфлацијата да биде без значително успорување на економскиот раст и без влегување во рецесија“ потенцира Бишев во своето гостување на „Утрински печат“.
Прогнозите се, смета тој, дека економијата на ЕУ најверојатно кон крајот на годината е веќе влезе во рецесиони движења (би требало првиот и вториот квартал да се доминантни), а за САД вели дека предвидувањата се за првата половина од 2023 година. Бишев посочува дека и во изминативе два века на секои 4-5 години пазарната економија се соочува со рецесија, со според него е нормален феномен во една пазарна економија. Клучното е, смета тој, економијата да не се прегрее, а ако се прегрее да не дојде до висока инфлација, таа мора да успори.
„Не можете да трошите повеќе од тоа што сте произвеле на долг рок. Тоа важи пред се за светската економија, а за националните економии на краток рок можеби можете да трошите повеќе ако позајмите од странство, но тоа не може да оди во недоглед, бидејќи вие ќе мора да се раздолжувате“ вели Бишев.
Затоа неговата порака до граѓаните дека на долг рок потрошувачката мора да се движи во рамките на расположливиот доход и дека реалните плати можат да растат не повеќе од растот на продуктивноста.
„Ако вам реалните плати ви растат повеќе од продуктивноста, значи вие сте добиле да потрошите нешто повеќе од што е произведено во државата, од расположливиот БДП. И ако имате повисока побарувачка во однос на понудата, тогаш цените растат, а обратно тие паѓаат. Побарувачката за стоки и услуги на краток рок е многу пофлексибилна, отколку понудата на стоки и услуги. За да ја зголемите понудата на стоки и услуги вие имате два фактора, или многукратно да ја зголемите продуткивноста или да ги зголемите инвестициите, капиталот и да направите нови вработувања, што е многу подолгорочен процес“, вели Глигор Бишев, потенцирајќи дека ако се претера со преговарање за висината на платите, и ако се зголемат повеќе од продуктивноста, на среден рок ќе имаме инфлација, а ако не растат доволно, тогаш дефлација, т.е. пад на цените.