ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Дамевски: Скиентологијата е религија за разбирање на нашиот дух, универзумот и на крај на бога

Мони Дамевски/Фото: Фејсбук

„Слободен печат“ во поддршка на верските заедници во Македонија. Без разлика дали верувате во себе или во Господ, Алах, Синот и Светиот дух, се водите по Куранот, Библијата или Светото писмо, на крајот сте сепак човек, кој е дел од една заедница. Православен, муслиман, скиентолог, бектеш, дервиш, евангелист, католик или јудеист. Сите заедно треба да градат соживот и да се разбираат и да се прифатат меѓу себе. „Слободен печат“ ќе се обиде преку запознавање на религиите, да одговори на прашања кој како го слави Господ, кој што празнува, во што верува, како ја следи верата. Целта е да се запознаеме себеси, но и соседот, пријателот, познајникот кој е припадник на друга верска заедница или црква. Преку серијал од десетина епизоди се надеваме дека ќе придонесеме подобро да се запознаеме меѓу себе и да сфатиме дека на крајот сите сме исти.
Симеон Мони Дамевски го познаваме како директор на фестивалот „Браќа Манаки“, но малкумина знаат дека е следбеник на Скиентолошката религија и прв кој оваа религија ја донесе во Македонија пред триесетина година. За „Слободен печат“ вели дека за Скиентологијата како верска заедница дознал во Америка.

-Како секој млад човек во тоа време имав превирања. Нашата професија е многу емотивна, на факултет слушавме секакви информации, се занимававме со силни внатрешни чувства, а тоа знае да раздразни, да дестабилизира. Бидејќи бев многу загрижен дека нешто не е во ред со мене, почнав да барам решение за нестабилноста. Така, кога појдов на постдипломски студии во Америка за да се усовршам како актер, во рацете ми се најде книгата „Дијанетика“. Уште по првите страници сфатив дека немам серизоен проблем и дека постои решение за него. Ама кога разбрав дека станува збор за црква малку се сепнав, зашто јас бев растен во социјалистико време- вели Дамевски.

Но, потоа дознав дека Скиентолошката религија не се занимава со бога. Верата во бога е ваше лично право. Дали е тоа за вас алах, Господ со Светиот дух или внешто трето, тоа е ваша работа.

-Скиентологијата се занимава со човекот како духовно битие. Таа е религија која нуди патека за целосно разбирање на нашата духовна природа и на нашиот однос со себе, со другите луѓе, со се што е живо, со материјалниот и со духовниот универзум, и со Бога. Вусшност, јас духовното почнав да го чувствувам и разбирам со Скиентологијата. Но, таа е недогматска. Ниедно од начелата што ги изучувате не мора да го прифатите ако не е вистина за вас. Јас прво учев курсеви за причините за нестабилностa и за комуникација. Со нив ја смирив нестабилноста. Но, следбеник на Скиентологијата станав дури во 1992, неколку години по мојата прва средба со „Дијанетиката“, зашто тогаш веќе имав видливи придобивки во животот од примената на тоа што го учев. Лично се уверив во неговата вистинитост. Бидејќи тоа сакав да го споделам со други, во 1996 станав уште поактивен- вели Дамевски.

За скиентологијата во земјава вели дека тој ја донел.

-Ме повикаа на телевизија, по медиуми, и како почнав да зборувам за своите искуства, темата стана актуелна и луѓе почнаа да прашуваат каде да дојдат. Бидејќи не сум официјален претставник на црквата, а во Македонија тогаш сеуште немаше црковна организација, повикав помош од Грција и Америка. Така се формираше првата Скиентолошка организација во нашата земја. Таа е релативно мала, но од тогаш наваму низ неа поминаа многу луѓе.

За црквата вели дека ја сочинуваат обучени волонтери и свештени лица. Дел од нив се супервизори на курсеви, други се специјалисти за испорака на прецизни постапки преку кои се зголемуваат духовната свест и способностите на поединецот. Во неделите имаме служба на која се читаат извадоци од делата на основоположникот Рон Хабард, за начелата на нашата религија.

-Во Скиентолошката црква следбениците даваат донации за услугите кои сакаат да ги добијат. Имаме и венчавки, крштевки и погреби. Ако сакате скиентолошки свештеник тој ќе ви дојде, но може да си викнете и поп. Јас сум венчан во матично, но првиот брак ми беше склучен и во Скиентолошка црква. А, имаме и свои празници. На 9-ти мај го славиме Денот на „Дијанетиката“, на 13-ти март роденденотот на господинот Хабард. Во Македонија си славиме и Божиќ и Нова Година. Елка се кити и во Њујорк. Но, имам пријатели кои си палат свеќи и за еврејските празници. Секој е слободен да си ги негува своите традиции- вели Дамевски.

Целото интервју со Симеон Мони Дамевски можете да го погледнете во продолжение:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот