ВИДЕО ИНТЕРВЈУ/ Благица Петрески, „Фајненс тинк“: Борбата против сивата економија годишно може да донесе 700 милиони евра во буџетот

Благица Петрески - економист / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Во однос на јавниот долг Петрески вели дека тој не треба да загрижува само ако се искористи за зголемување на конкурентноста и структурни реформи

Преку ноќ разбравме дека Владата ја откажала еврообврзницата од 600 милиони евра. Според Благица Петрески, главен економист во Институтот за економски политики и развој „Фајненс тинк“ тоа претставува ризик за условите под кои таа во иднина ќе биде издадена. Од друга страна, сосема е јасно дека јавниот долг и понатаму ќе се зголемува.

– Во однос на јавниот долг, номинално тој ќе се големи за износот на буџетскиот дефицит, меѓутоа во релативен показател, како процент од БДП, неговото зголемување ќе биде компензирано од растот на номиналниот БДП, кој и оваа година ќе биде висок, со оглед дека моменталните очекувања се дека инфлацијата, врз основа на која се пресметува БДП дефлаторот, ќе се движи 7-8 проценти – објаснува Петрески.

Во однос на приходната страна на Буџетот, чиј раст може да обезбеди помал буџетски дефицит, Петрески објаснува дека најмногу пари може да се најадат доколку се сузбие сивата економија.

– Нашите пресметки велат дека таа во буџетот годишно може да додава околу 700 милиони евра, ете отприлика износот на еврообврзницата – вели Петрески.

Во Стратегијата за управување на јавниот долг, јасно пишува дека до 2026 година тој ќе надминува 60 отсто од БДП. Според Петрески, овој податок и е и не е загрижувачки.

– Загрижувачки би било ако позајмените средства се потрошат за разно-разни субвенции, посебно за плати кои не се проследени со пораст на продуктивноста, што кога-тогаш ќе се одрази на цените, така што животниот стандард нема да е подобар, а долгот кој бил направен ќе си остане. Не е загрижувачка ако долгот се искористи за зголемување на конкурентноста и структурни реформи. На пример, ПЛЛ аранжманот со ММФ е условен од напредок на некои реформи, што значи дека тие средства според својот дизајн структурно треба да ја подобрат економијата. Овие позајмувања од приватен пазар се покритични, и ние години наназад укажуваме на тој ризик, чија најизразена манифестна форма беше трошењето 700 милиони евра за проектот Скопје 2014, кој не ја подобри економијата структурно, а парите беа потрошени – вели Петрески.

Целиот разговор погледајте го во ВИДЕО-ИНТЕРВЈУТО:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот