
ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Ана Митевска и Наташа Чингаровска – Караева, ликовни уметници: Со сликањето умот слободно патува низ визуелниот свет
Уметноста не познава, возраст, пол, ниту какви било рамки, таа е достапна и отворена за сите и во секое време, чекајќи некои поединци да ја разбудат во себе. Таков е случајот кај нашите две соговорнички, ликовни уметници, кои „Слободен печат“ како и секогаш ги препознава и ги поддржува. Ана Митевска и Наташа Чингаровска-Караева ја разбудиле уметноста во себе и веќе неколку години успешно ја пренесуваат преку своите уметнички дела, изложени во нивното ателје „Анарт“. Во пријатна и топла атмосфера, опкружени со нивните слики, зборувавме за уметноста, за сликарството, за боите и за условите во кои тие творат.
Препорачано
– Мојата љубов кон уметноста започна со љубовта кон архитектурата, внатрешното уредување… односно љубовта кон боите ме пренесе кон сликарството. Повеќе од една деценија се занимавам со сликарство, но активно и интензивно веќе три години. Во текот на карантинските денови, во мене се јави желба да се обидам да насликам нешто, кое ќе излезе надвор од мојот дом. Така почнав да подарувам слики, а потоа започна и продажбата. Отворив и инстаграм-страница, која многу ми помогна, ми отвори многу врати и ми помогна да остварам контакт со многу куратори и ликовни уметници. Затоа велам дека никогаш не е доцна нешто да се направи, и покрај моите 42 години, мислам дека ако имаш доволно време и љубов, може да се оствари сѐ – вели Ана за тоа како почнала да се занимава со сликарство.

Во ноември минатата година се остварила желбата на Ана да ја направи својата прва самостојна изложба насловена „Саксофон“ во Кинотеката на Македонија. Неколку месеци подоцна, во април годинава, заедно со својата пријателка и соуметница Наташа Чингаровска-Караева го отвориле уметничкиот концепт- простор, Ателјето „Анарт“.
– Љубовта кон ликовната уметност си ја носам уште од дете, но не се реализирала… Некако прагматично го терав животот, сè до периодот на пандемијата, кога и кај мене сосема случајно, поради вишокот на време се случи првиот импулс. Мандалите секогаш ми се допаѓале, симетријата и хармонијата што ја носат во себе. И еден ден само ми текна да пробам да нацртам мандала, немав никакви материјали и го употребив тоа што веќе го имав дома, хартија за печатар, пенкало и молив. Така сѐ прогресираше спонтано, од хартија и молив стигнав до акрил на платно и тука се задржав, бидејќи мислам дека тоа е техника што најмногу ми лежи – вели Наташа.

Ана и Наташа имаат свој сопствен печат, кој е препознатлив во нивните слики, Ана со своите земјени тонови, кои даваат мир и спокој, а Наташа со минималистичкиот пристап со помалку бои и техниката на точкање.
– Со акрилните бои сликањето оди до недоглед, оваа техника најмногу ми лежи, бидејќи ми прилега на мојот карактер, ја открива душата на уметникот. Од друга страна, публиката може да си создаде своја имагинација гледајќи ја сликата, да излезе од рамките на логичниот ум, од рамките на ограничувањата, да го пронајде бесконечното, а не конечното. Процесот е интересен, сликам постојано, дури и не знам да направам пауза, бидејќи сликањето ми помага умот да не ми размислува на секојдневието, на неубави работи… туку слободно патува низ визуелниот свет.
– Мандалата е индиска уметност и асоцира на симетрија, хармонија, совршенство, а буквалниот превод на зборот „мандала“ на санскрит значи круг. Мандалите вообичаено се кружни и движат од центарот кон периферија, тоа е некое основно објаснување за мандалите, иако секој си ги доживува на свој начин. Не мора да има некакво духовно доживување, може да биде само естетско, како кај мене. Процесот мене ме смирува и ме релаксира, бара прецизност, концентрација и во тие моменти се исклучувам од сѐ друго. Тоа е придобивката што јас ја имам кога ги работам мандалите – објаснува Наташа.
Повеќе од интервјуто со Ана и Наташа можете да погледнете на следниот линк: