
ВИДЕО | Интер го елиминираше Ривер, осминафинале и за Рамос со Монтереј
Екипата Интер триумфираше над Ривер плата со 2-0 во возбудлив и тензичен натпревар со што обезбеди пласман во осминафиналето како првопласиран во групата „Е“ на Светското клупско првенство. Заедно со „нераѕурите“, меѓу најдобрите 16 оди и мексиканскиот Монтереј кој убедливо славеше над Урава со 4-0, при што два од погодоците беа вистински ремек-дела од далечина.
Препорачано
Натпреварот меѓу Интер и Ривер плата мина во знакот на големи тензии, а клучниот момент се случи во 65. минута кога дефанзивецот на аргентинскиот тим, Мартинез Кварта, доби директен црвен картон откако го собори Мхитарјан како последен играч во одбраната.
Интер ја искористи предноста од фудбаалер повеќе и веќе во 72. минута стигна до водство со одличен погодок на Еспозито. Во судиското продолжение, Бастони ја потврди победата на италијанскиот тим со гол за конечни 2-0. По последниот свиреж имаше кратка мешаница на теренот, но ситуацијата брзо се смири без поголеми инциденти.
Монтереј, пак, издоминира против јапонската Урава. Деоса ја отвори серијата голови со „бомба“ од далечина во 30. минута, а само четири минути подоцна Бертерам зголеми на 2-0. Шоуто продолжи со нов гол од далечина, сега погоди Корона за 3-0 до полувремето. Конечниот резултат го постави Бертерам со својот втор гол во 97. минута со својот втор погодок.
Интер ја заврши групната фаза како лидер со седум освоени бода, пред Монтереј со пет. Ривер плата остана без осминафинале и со четири бода го заврши натпреварувањето на третото место, додека Урава остана на дното без освоен бод.
Во осминафиналната фаза, Интер ќе се соочи со бразилскиот Флуминенсе, а Монтереј ќе ги одмери силите со германската Борусија Дортмунд.