
ВИДЕО: Индија урна два нелегални облакодери, прашината ги „избрка“ жителите од нивните домови
Индиските власти урнаа два незаконски изградени облакодери, што предизвика широк облак од прашина во близина на главниот град Њу Делхи, срамнувајќи ги највисоките градби некогаш урнати во земјата за помалку од 10 секунди, пренесува „Ројтерс“.
Препорачано
Толпата луѓе кои го гледаа уривањето од покривите на блиските згради, навиваа и ракоплескаа додека високите кули од 103 метри се урнаа, а прашината ја обви станбената област.
Врховниот суд минатата година нареди рушење на кулите во областа Ноида, откако долга правна битка утврди дека тие прекршиле повеќе градежни прописи и норми за заштита од пожари.
Над 3,700 килограми експлозив бил употребен, изјавија официјални лица за локалните медиуми. Стратешки поставените експлозиви требале да обезбедат минимална штета на областа.
Полицијата соопшти дека проценува дали настанала некаква штета. Околните жители рекоа дека ќе проверат дали нивните имоти биле оштетени. Ваквите уривања се ретки во Индија и покрај неконтролираното нелегално градење.
⚡️ In India, two 103-meter skyscrapers, which were built illegally and in violation of norms, were blown up, the media reported. pic.twitter.com/hInj9qVWtp
— Flash (@Flash43191300) August 28, 2022
Илјадници луѓе ги напуштија своите станови во близина на местото на експлозијата околу 10 часа, а голем број полицајци и персонал за итни случаи беа распоредени за уривање на кулите со 850 ненаселени станови.
Некои згради во близина беа покриени со бели пластични листови за да се заштитат од остатоци.
Судип Рој, сопственик на четирисобен стан во блиската ниска зграда, рече дека резервирал хотелски соби минатата недела за да ја помине ноќта со семејството и пријателите.
„Најдобро е да се држиме подалеку од местото на експлозијата 24 часа бидејќи воздухот ќе стане токсичен и не знаеме како може да влијае на нашето здравје“, рече Рој.