Израелски тенкови / Фото: EPA/EFE

ВИДЕО | Група на Хамас се обиде да ги нападне израелските сили во Газа

Група од најмалку 18 членови на Хамас се обиде да изврши напад врз камп на израелските одбранбени сили (ИДФ) во областа Кан Јунис во јужниот дел на Појасот Газа утрово, објави „Тајмс оф Израел“.

Тројца војници се ранети во нападот, од кои еден потешко, соопшти ИДФ. Во воен извештај се наведува дека вооружени членови на Хамас се обиделе да ги заробат војниците.

Според воените податоци, нападот започнал околу 9:00 часот наутро, кога оперативците излегле од тунел на југот од Кан Јунис и почнале да пукаат од митралези и ракетни фрлачи додека се приближувале кон воениот камп. Некои од вооружените мажи успеале да ја пробијат одбраната на кампот, каде што дошло до размена на оган со единици на бригадата Кфир.

Најмалку десет членови на Хамас беа убиени

Според ИДФ, војниците и воздушните напади убија најмалку десет оперативци на Хамас, додека осуммина успеаја да избегаат назад во тунелот. ИДФ објави снимки на кои се гледаат воздушните напади и напорите на војниците да го одбијат нападот.

„Војниците идентификуваа повеќе од 15 терористи кои излегоа од тунелот и отворија оган, вклучително и оган од ракетни фрлачи, врз силите“, изјави на прес-конференција бригадниот генерал Ефи Дефрин, портпарол на ИДФ.

„Во истиот инцидент, неколку терористи влегоа во зградата каде што престојуваа нашите војници и терористите беа елиминирани. Истражуваме како се случило ова и ќе ги извлечеме потребните заклучоци“, додаде Дефрин.

На интернет се појави видео на кое се гледаат телата на двајца вооружени лица во воен камп, а друго видео покажува тенк на 74-от оклопен баталјон како прегазува напаѓач вооружен со ракетни фрлачи за време на нападот, јавуваат медиумите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот