Боби Андонов / Фото: Dia Dipasupil / Getty images / Profimedia

ВИДЕО | „Горд сум на моето македонско потекло“: Боби Андонов со маестрална изведба на „Јовано, Јованке“

Пејачот Боби Андонов (29), кој е роден во Австралија и има македонско потекло, направи моќна преработка на традиционалната македонска песна „Јовано, Јованке“ и уште еднаш го покажа својот неверојатен талент за музика.

„Добивав барања за ова веќе многу години. Јас сум горд на моето македонско потекло, затоа ова е за вас!“, напиша тој во описот на својата изведба.

Да потсетиме, Боби Андонов е роден во Мелбурн, Австралија, а неговите родители се по потекло од Струмица.

Тој настапувал уште од шест години, кога почнал со танцување и пеење во неговиот роден град. На девет години, глумел како Дени Зуко во детска продукција на мјузиклот „Брилијантин“. Потоа бил избран да биде еден од четирите млади Симба во бродвејската продукција на „Кралот лав“ во Мелбурн и Шангај, Кина.

Андонов ѝ стана познат на македонската јавност кога ја претставуваше нашата држава на Детската Евровизија во 2009 година со песната „Прати ми СМС“. Тој го освои високото 5. место и тоа е еден од најголемите успеси на Македонија на овој музички натпревар.

Во 2010, на 15 години, Андонов влезе во музичкиот натпревар „Австралија има талент“. Неговата аудиција достигна над 15 милиони прегледи. Тој беше суперфиналист во шоуто, изведувајќи преработки на песни меѓу кои „Hallelujah“ од Леонард Коен и „Heartless“ од Канје Вест.

Во ноември 2015, Андонов потпиша договор со „Холивуд Рекордс“ и се пресели во Лос Анџелес, САД, каде што престојува сега.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот