
ВИДЕО/ГАЛЕРИЈА: „Ниту една повеќе“ – стотици граѓани побараа одговорност и казни за убиството на Росица пред МВР и Собранието
Стотици граѓани вечерва се собраа пред Министерството за внатрешни работи и пред Собранието на протест поради убиството на младата Росица во Велес, барајќи да не се повтори уште еден ваков случај. Демонстрантите извикуваа „Ниту една повеќе!“ и со солзи во очите упатија порака за крај на фемицидите во Македонија.
Препорачано



Активистите порачаа дека институциите го имаат главниот дел од вината.
– Се собираме скршени од тага и разбеснети од колективниот крах на системот, од игнорантскиот однос кон жртвите на насилство кој доведува до фемициди. Виновни се и полицијата, и Центрите за социјална работа, и обвинителството, и судовите, рече една активистка.
– Образовниот систем наместо да гради еднаквост и емпатија, произведува сексисти и насилници, се надоврза уште една учесничка на протестот.
Друга активистка, пак, побара одговорност и оставки:
– Бараме дисциплински постапки против полицајци, обвинители и судии кои не постапиле по пријавите за закани. Јавното обвинителство мора да открие кој дозволил да се прекршуваат мерките за заштита.


Граѓаните побараа повеќе средства за социјални програми, целосна имплементација на законите за спречување на фемицид и казни за службениците што не ги спроведуваат.
Една демонстрантка за „Слободен печат“ рече дека институциите реагираат дури кога ќе ескалира ситуацијата.
– Секогаш е истиот муабет. Сите знаеме примери во секоја населба, ама никој не презема ништо додека не дојде до трагедија. Ова е кажано стопати – рече таа.
Други граѓани изразија надеж дека протестот ќе донесе промени, предупредувајќи дека во спротивно, трагедиите ќе продолжат да се повторуваат и јавноста брзо ќе ги заборава.


Пред Собранието, демонстрантите со мегафон зборуваа за системските пропусти што овозможуваат насилството врз жените да продолжи. Тие порачаа дека случајот со Росица не смее да се сведе на бројка или статистика.
– Росица не е бројка, ни статистика, ниту насловна страна. Денес е Росица, утре друга, но прашањето не е која е следна, туку што можам да сторам за да го спречам тоа – рече еден од демонстрантите.
Учесниците побараа одговорност од институциите, но и укажаа дека вината е поширока – и кај пријателите, соседите и роднините кои молчат за насилството.
– Денес е Росица, а утре може да биде мојата ќерка. До кога пријавите ќе остануваат на хартија? Секој човечки живот вреди. За жал, јас сум жена што минала низ семејно насилство… Затоа сум тука, бидејќи ниедна жена не смее да биде оставена сама – рече демонстрантка.
По говорите, демонстрантите во молк ја блокираа улицата пред Собранието, испраќајќи порака дека институциите мора да реагираат навремено за да се спречат идни трагедии.