Венко Филипче / фото: Фејсбук / Венко Филипче

ВИДЕО | Филипче: Владата манипулира, нема раст на индустриското производство – поскапени се само суровините

На прашањето зошто премиерот Христијан Мицкоски ја одбил Резолуцијата, лидерот на СДСМ, Венко Филипче, изјави дека Владата само наоѓа изговори и упорно се држи до ставот да не се водат преговори со ЕУ.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска изјави дека владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ ветувала подобри преговарачки позиции со ЕУ, но не кажала дека преговорите ќе запрат, оценувајќи дека процесот е практично блокиран и дека нема напредок ниту во реформската агенда ниту во уставните измени.

– Добро е да знаеме на што сме. ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт и тоа го повторуваме цело време, апсолвирано е тоа прашање, со лажна кампања. Ветуваа подобри преговарачки позиции, а не спомнаа дека преговорите ќе запрат. Сега практично се запрени, ништо не се случува. Од една страна, ништо не се случува ниту со реформската агенда, нема носење реформски закони во Парламентот, ниту, пак, нешто се случува во делот на тоа што е добиена понуда од цела ЕУ, а тоа е да се направат уставните измени и да се отворат поглавјата за преговори со ЕУ – изјави Филипче.

На новинарско прашање зошто премиерот Мицкоски ја отфрли Резолуцијата, лидерот на СДСМ оцени дека Владата постојано бара изговори и дека очигледно е конзистентна во тоа да нема преговори со ЕУ.

– Едно е да бараат изговори, а тоа го прави Владата. Прво бараа да има одложено дејство на уставните измени, видоа дека не може. Цела Европа им кажа дека тоа е невозможно. Бараа Бугарија да прифати пресуди на Судот за човекови права во Стразбур, па видоа дека не може да го изменаџираат ни тоа. Не гледаме дека нешто се трудат околу тоа да направат, нема дипломатска активност на таа тема. Министерот за надворешни работи зборува за роаминг и за ништо друго. Очигледно е дека се конзистентни кон тоа да нема преговори со ЕУ, а ние тоа нема да го дозволиме. Ќе се бориме поради тоа што е единствената иднина за нашата земја и ќе ставиме на масата. Еве Резолуција, да ги утврдиме нашите црвени линии за да укажеме јасно и гласно дека сите треба да бидат чесни кога кажуваат какви се политиките, а не да се користат со лаги и со манипулации за скриено да протуркаат некоја своја политика која очигледно не нé води никаде – изјави лидерот на СДСМ по посетата на ОУ „Киро Глигоров“ во општина Центар.

Тој најави дека документот ќе биде разгледан во текот на неделата, а потоа ќе се разговара за следните чекори.

– Ако има чесен пристап од страна на власта, ќе седнат и ќе разговараат, дали на лидерска средба, дали во Парламентот, дали најголемите политички партии. Ова е едно од најважните прашања за иднината и за напредокот на земјата. Сметам дека не смее да не се случува ништо, ниту, пак, да се става од страна вака како тоа што го прави Владата – рече Филипче.

Одговарајќи на прашање за содржината на Резолуцијата, Филипче истакна дека СДСМ подготвува детален документ кој наскоро ќе биде презентиран пред јавноста и пред сите политички партии.

Во однос на можноста за лидерска средба, тој истакна дека тоа секогаш е отворена понуда бидејќи, тврди тој, најважните прашања за државата мора да се решаваат на тој начин.

– Никој од другите политички чинители не прифатија повеќе апели наназад. Еве, сега ќе го покажeме во јавноста документот, па нека знаат граѓаните кој е за Европа, а кој не е – истакна тој.

Филипче нагласи дека македонските национални интереси не се распродадени и оцени дека спротивните тврдења се дел од лажна кампања.

– И сметам дека не треба да ја продолжувате, не треба да ги лажете граѓаните бидејќи станува збор за сериозна работа, со која ги загрозувате националните интереси на државата – рече Филипче.

За обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека е лицемерен по објавата за инвестицискиот „бум“, Филипче рече дека од СДСМ излегуваат со бројки и со аргументи.

– Гледаме дека во првите шест месеци лани странските инвестиции биле над 500 милиони евра, а сега се 220 милиони евра во првите 6 месеци годинава. Ете ги резулатите од економските политики на Владата. Вчера премиерот кажува дека има раст на индустриското производство, а не кажува дека само станува збор за разлика во цените поради тоа што сите репроматеријали и сé што се користи во индустриското производство е поскапено. Оттука произлегува зголемувањето на цените, не е физички зголемено индустриското производство, нема повеќе производство. За жал, гледаме катастрофални политики, политики на негрижа кон граѓаните, на секое ниво. Цените во маркетите не се под контрола, платите никако не растат. а со лозарите вчера го коментиравме проблемот. Вие може да излезете и да кажете што било, но луѓето знаат колку пари добиваат секој први од месецот и колку можат да им купат на децата – подвлече Филипче.

На крајот, Филипче им упати честитки и пораки за успешна учебна година на учениците, наставниците и на нивните семејства.

Овие изјави на лидерот на СДСМ доаѓаат во момент кога и од Брисел стигнуваат пораки за проширувањето на ЕУ. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, од Бугарија порача дека земјите од Западен Балкан ќе можат да станат дел од Европската Унија само врз основа на сопствените заслуги, нагласувајќи дека напредокот зависи од исполнување на критериумите и спроведување на реформите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот