Фото: Скриншот/Јутјуб

ВИДЕО | Ерик Дејн за тешката дијагноза: „Имам само една функционална рака“

Холивудскиот актер Ерик Дејн, познат по улогите во сериите „Вовед во анатомија“ (Grey’s Anathomy) и „Еуфорија“ (Euphoria), отворено проговори за својата борба со амиотрофична латерална склероза – ретка и прогресивна болест што ги зафаќа нервните клетки и предизвикува мускулна парализа, пишува „Пипл“.

Во телевизиско интервју емитувано на 16 јуни, 52-годишниот актер се присети на првите симптоми што ги почувствувал.

„Почнав да чувствувам слабост во десната рака. Не ѝ обрнав внимание – мислев дека ми е заморена од премногу пишување на телефон“, изјави Дејн.

Но, по неколку недели, состојбата се влошила. По низа прегледи кај специјалисти и неколку невролози, по цели девет месеци, конечно ја добил дијагнозата што целосно ќе му го промени животот: АЛС.

„Никогаш нема да ги заборавам тие три букви. Ми се појавуваат во мислите веднаш штом ќе се разбудам. Тоа не е сон“, вели актерот.

Денес, една и пол година откако започнале првите симптоми, Дејн ја изгубил целосната контрола врз десната рака. Левата, која му е доминантна, сè уште функционира, но и таа почнува да слабее.

„Имам само една функционална рака. Десната страна ми е целосно нефункционална. Левата сè уште работи, но чувствувам дека за неколку месеци можеби ќе ја изгубам и неа. Тоа е многу отрезнувачки“, раскажа тој.

Иако сè уште може да оди, Дејн изрази загриженост: „Се плашам дека наскоро и нозете ќе почнат да откажуваат“.

Во април годинава, актерот за првпат ја сподели својата дијагноза со јавноста, истакнувајќи: „Ми беше дијагностицирана АЛС. Благодарен сум што моето семејство е покрај мене додека го минуваме ова тешко поглавје“.

Дејн е во брак со актерката Ребека Гејхарт, со која ги има ќерките Били Беатрис (15) и Џорџија Џералдин (13). Тој упати молба до јавноста за почитување на приватноста во овој чувствителен период.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот